Левица го тужи Гаши заради блокадата на законот за бранители


Политичката партија Левица денеска поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието, Африм Гаши, поради тоа што не ја исполнил својата деловничка обврска во врска со законот за бранители.Пратеникот Сашко Јанчев на прес-конференција во Собранието рече дека кривичната пријава е поднесена поради тоа што Гаши  постапил несовесно во однос на своите овластувања и направил кривично дело против службената должност.

– Законот за бранители е заглавен во собраниска процедура откако претседателот на матичната комисија реши да не свикува сеница односно реши да го блокира законот. Во ваква ситуација, кога претседател на комисија решава да не свикува седница по одреден закон, должност и надлежност на претседателот на Собранието е да ја одблокира законската постапка односно согласно член 126 став 3 од Деловникот, претседателот на Собранието е тој кој треба да ја свика комисијата и да значи член кој ќе ја води седницата на таа комисија. Претседателот на Собранието уште пред 10 дена на 16 септември во изјава за медиумите рече дека нема намера да го одблокира законот за бранители, дека нема намера да свика седница за законот за бранители и до денес таква седница не е свикана, посочи Јанчев.

Изјавата на претседателот на Собранието дека со тоа што претседателката на комисијата свикала седница во рамки на роковите, му се одзема правото да интервенира и да назначува друг член да ја води седницата, според Јанчев е екстензивно толкување со цел законот за бранители никогаш да не биде ставен на дневен ред.

– Деловникот е јасен – откако ќе поминат 24 часа, ако претседателот на комисијата не одржи седница по одреден закон, претседателот на Собранието назначува друг член кој ќе ја одржи таа седница.Ова е екстензивно толкување со цел законот никогаш да не дојде на дневен ред, рече Јанчев.

Законот за бранители е предложен од пратеничката од СДСМ и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска. Законот ја доби поддршката во Собранието да оди по скратена постапка. Претседателката на Комисијата за социјална политика, млади и демографија Илире Даути одбива да го стави законот на дневен ред, а претседателот на Собранието тврди дека  нема ингеренции да повика на седница со законот за бранителите на дневен ред затоа што Даути веќе свикала седница, иако без овој предлог закон.