Левица го поддржа ВМРО-ДПМНЕ и помогна да се изгласа законот од „Безбеден град“
Системот ќе почне да се применува од 1 февруари. Тврдата опозициска партија Левица најде заеднички јазик со владините партнери
Левица и ВМРО-ДПМНЕ денеска се најдоа на иста страна за еден многу битен закон со кој може да стартува проектот „Безбеден град“.
Собранието денеска со 81 глас „за“ и 19 „против“ и воздржани го изгласа предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, по скратена постапка. Со ова се отвора патот за почеток на системот за автоматско снимање и санкционирање сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ од 1 февруари. По барање на координаторката на „Европскиот фронт“, Рина Ајдари, гласањето беше поединечно со изјаснување на секој пратеник.
За законот беше потребно двотретинско мнозинство, а тоа го овозможи пратеничката група на Левица. Тоа и се очекуваше по неодамнешната лидерска средба свикана од премиерот Христијан Мицкоски, на која учествуваше и лидерот на левица, Димитар Апасиев. По средбата Апасиев изјави дека бил изненаден од „конструктивноста“ на разговорите.
Борислав Крмов од Левица објаснувајќи како ќе гласаат рече дека законот има многу слабости, но тие ја гледале поголемата слика, дека тој ќе ја зголеми безбедноста во сообраќајот.
Пратениците на СДСМ, ДУИ и Алијансата беа против Законот за прекршоци бидејќи се сомневаат дека податоците што ќе бидат прибрани од електронските уреди не се заштитени и може да има сериозна злоупотреба. Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, пред гласањето рече дека тие се против ваквиот закон затоа што се многу загрижени за безбедноста на податоците.
Законот предвидува зајакнување на безбедноста во сообраќајот преку воведување посебна постапка за прекршоци утврдени со помош на технички средства и уреди за снимање. Брзото и ефикасно санкционирање на прекршителите и изрекувањето санкции се очекува да влијае на генерална превенција во областа на безбедноста на сообраќајот.
Во првата фаза системот ќе регистрира прекршоци како: брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Во следната фаза е предвидено проширување на спектарот на прекршоци.
Кога системот ќе биде целосно пуштен во употреба, сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС-порака и е-пошта со линк за преземање записник со платен налог. Прекршоците ќе може да се платат електронски, а при навремено плаќање нема да се наплаќаат дополнителни трошоци.