Левица е зачудена зошто не се води истрага за сегашниот директор на Пазарниот инспекторат

Партијата Левица денеска преку соопштение прашува зошто полицијата и обвинителството го „поштедиле“ од истрага сегашниот директор на Државниот пазарен инспекторат, а е во притвор претходниот.
„Согласно чл. 8 од посебниот Закон за Државен пазарен инспекторат токму ДПИ е изрично надлежен за ‘изрекување инспекциски мерки со цел отстранување на утврдени неправилности’.
Дополнително, во Законот за угостителската дејност (2004), како lex specialis за диско-клубови и кабареа, Државниот пазарен инспекторат е споменат дури 40 пати! Со букви: ЧЕТИРИЕСЕТ ПАТИ!
Оттука, нејасно е зошто премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи – Панче Тошковски и колегите од Основното јавно обвинителство Кочани го поштедиле од истрага и не му дале својство на ‘осомничен’ и ‘обвинет’ на актуелниот в.д. директор на ДПИ Влатко Стојкоски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој е на функција од ноември 2024, што значи имал сосема доволно време ex officio да преземе службено дејствие кое не го презел“, велат од Левица.