Левица: ДПМНЕ го менува Законот за старите загадувачи да добијат нов живот


Утре во Собранието се гласаат измените на Законот за животната средина со кои Владата предлага од одредбата што забранува градење или реконструкција на тешка и загадувачка индустрија (Г1) на помалку од пет километри од населено место или заштитено природно подрачје, да се избришат зборовите – „или реконструкција“.

Со предложената измена, забраната од пет километри ќе остане за изградба на нови вакви инсталации, но повеќе нема да важи за нивна реконструкција. Тоа значи дека постоечки индустриски капацитети од ваков тип, кои денес не можат да се реконструираат поради ова ограничување, со измената би можеле да бидат реконструирани и повторно ставени во употреба. Токму затоа, ако се изгласа измената, објекти со штетно индустриско наследство како Топилницата во Велес би можеле повторно да бидат предмет на реконструкција и ставање во функција.

Особено е спорно што Владата оваа промена ја претставува како техничко „прецизирање на опфатот“ и усогласување со европското законодавство. Во истиот предлог-закон, Владата ја вклучува реконструкцијата во дефиницијата на „проект“, а со членот 2 истовремено ја отстранува забраната реконструкцијата на тешка и загадувачка индустрија да се врши на помалку од пет километри од населено место или заштитено природно подрачје.

А кога Владата веќе се повикува на европските правила, треба да каже и зошто токму оваа заштита мора да се отстрани. Предлог-законот се повикува на Директивата 2014/52/ЕУ и зборува за подобрување на заштитата на животната средина, здравјето на луѓето и спречување на ризици од значајни штетни влијанија. Во исто време, со член 2 се отстранува конкретното ограничување кое денес спречува реконструкција на тешка и загадувачка индустрија во непосредна близина на населени места.

„Како и секогаш, со десничарската ДПМНЕ на власт, законските измени се носат во интерес на крупниот капитал, додека ризикот и последиците остануваат за граѓаните. Па, кој има интерес да се тргне оваа заштита? Сигурно не граѓаните кои треба да живеат во близина на тешка и загадувачка индустрија. Откако ќе се отстрани законската пречка, останува само прашањето кој инвеститор ќе има интерес да ја искористи. Профитот останува приватен, а последиците од загадувањето повторно многу лесно стануваат јавен трошок“, порачува Левица.