Левица: ДКСК „спие“ и при очигледни случаи на корупција
Т.н. демант на Државната комисија за спречување на корупцијата не само што не ги побива наводите на Левица, туку индиректно и ги потврдува. Со самото признание дека во архивата било ангажирано лице со договор за дело, поврзано со партиски блиски медиумски и универзитетски кругови, и дека институцијата функционирала со сериозни внатрешни слабости, ДКСК всушност го признава она што ние го разобличуваме, велат од политичката партија Левица.
-Со ниту еден збор не се демантира суштината, а тоа е дека во мандатот на Владата на ДПМНЕ, ДКСК не излезе со ниту еден цврст, храбар и принципиелен став за низа флагрантни случаи на непотизам, судир на интереси, незаконски именувања, сомнителни дипломи, тендерски мрежи, партиски и роднински колонизации на институциите. Напротив, Комисијата се прогласуваше за ненадлежна, ги отфрлаше пријавите, „не утврдуваше неправилности“, или ги заглавуваше предметите во фиоки – како во случајот со незаконски именуваниот началник на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, за кого и по повеќе од една година нема никаков исход, ниту пак ДКСК во својот „демант“ кажува до каде е постапката.
Дополнително, ДКСК не реагира ниту на очигледните случаи кога функционери од власта поднесуваат формално доставени, но суштински неточни и нецелосни анкетни листови, со прикриени или искривени податоци за имотната состојба. Станува збор за неправилности кои се лесно воочливи и за најшироката јавност, а не пак за институција чија основна надлежност е токму контролата на ваквите пријави. Впрочен, во неколку наврати, Левица на тацна им сервираше вакви нерегуларности, но и покрај тоа, Комисијата не презеде никакви мерки, ниту пак им наложи на функционерите да ги коригираат анкетните листови, дозволувајќи ваквите пријави да останат „исправни“ во системот, што директно ја поткопува транспарентноста.
Фактот што Владата на ДПМНЕ-ВРЕДИ-ЗНАМ секојдневно продуцира афери, местени тендери, партиски вработувања, кронизам, непотизам, судир на интереси, а ДКСК молчи, релативизира или „не наоѓа ништо спорно“, е најсилниот доказ за тоа на чија страна стои оваа институција и во чија полза функционира. Дали е независен антикорупциски орган, или пак институција со инсталирани, компромитирани кадри кои служат за аминување или заташкување на скандалите продуцирани од арогантноста на власта.
Левица ќе продолжи јавно да ги објавува сите информации кои пристигнуваат за случувањата во ДКСК и за улогата на поединци, меѓу кои и компромитираната членка Цвета Ристовска. Единствениот начин оваа институција да почне да функционира во интерес на граѓаните, а не на владејачката коалиција, за жал, е преку постојан притисок, разобличување и солидарност против партиско-коруптивниот октопод“, се вели во соопштението на партијата.
Антикорупциската претходно ги негираше тврдењата за местење на предмети бидејќи според нив тоа не е возможно и е регулирано со деловник, а предметите се распределуваат софтверски и по случаен избор, по модел набавен со странска помош.
-Не се работи за никакво влијание врз распределбата, ниту пак тоа е можно да се оствари во пракса, имајќи предвид дека предметите се доделуваат по случаен избор преку електронскиот ДМС-систем. Ниту еден член на Комисијата, ниту претседателот, ниту вработените во секретаријатот не можат да влијаат врз тоа кому ќе му биде распределен предмет, изјави претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ.
Во врска со наводите за ангажманот на Татјана Наќева, Чучуљ потврди дека лицето било ангажирано, но нагласи дека причините биле исклучиво технички – поради обемна, несредена архива со предмети.
Спомнатата членка на ДКСК, Ристовска, на брифинг со новинари не сакаше да коментира дали се познава со спомнатата хонорарка во Антикорупциска, а претседателот на ДКСК Чучуљ рече ангажираната е по договор на дело до 29-ти јануари и веќе си нашла друга работа во друга државна институција.
Чучуљ посочи дека не се точни партиските наводи затоа што има предмети за актуелни функционери кои се работат.
-Ние во моментот работиме предмети само за актуелните функционери. Во наредниот период ќе се фокусираме на имотната состојба на актуелни функционери од највисоките институции – министри, јавни обвинители, судии, пратеници и градоначалници, изјави Чучуљ.
Членовите на ДКСК, на брифингот псоочија дека станува збор за клеветнички наводи за сериозни кривични дела кои не се точни, а тој што ги објавува ако смета дека има кривично дело треба да пријави на надлежните истражни органи.