Левица бара Државен инспекторат за знамето, грбот и химната
Поради контиунираното непочитување на Законот за употреба на грбот, знамето и химната, Левица до Собранието ќе поднесе предлог-Закон за воведување на Државен инспекторат за инсигнии. Овој инспекторат ќе биде задолжен за контрола и надзор над правилната употреба на грбот, знамето и химната од страна на државните органи, општините и приватните субјекти.
„Скандалозно е што сите политички елити досега не формирале ваков Инспекторат, во услови кога на секој чекор македонското знаме не се почитува, како единствен симбол кој треба да ја обедини македонската нација. Левица повторно најостро го осудува скорешното палење, непочитување и сквернавење на македонското државно знаме за време на прославата на денот на албанското знаме, кое помина без санкции и јасна реакција од надлежните институции. Овој чин е уште еден доказ за потребата од системски пристап и јасен инспекциски надзор врз употребата на државните симболи.
Согласно член 8 од Законот за употреба на Грбот, Знамето и Химната, како и член 178 од Кривичниот законик, намерното кинење, палење, газење или на било кој начин сквернавење на македонското знаме е кривично дело. Но, отсуството на соодветен механизам за надзор овозможува ваквите акти да поминуваат неказнето„, порачаа од Левица.