Летово од Охрид до Свети Наум ќе се вози по нов пат


Патот од Охрид до Свети Наум е рехабилитиран, па сите туристи кои летово ќе го посетат Охриското Езеро ќе имаат можност да возат по нов асфалт.

Со инвестиција од 11,7 милиони евра се рехабилитираа 24,3 км пат. Завршува во рок рехабилитацијата на патот Охрид-Свети Наум која за прв пат се случува по четири децении.

– Рехабилитиравме 24,3 км и инвестиравме 11,7 милиони евра, средства обезбедени од буџет на ЈПДП, информира директорот Коце Трајановски.

Трајановски додаде дека е зголемена безбедноста во сообраќајот, извршено е растоварување на косините и монтирана е заштитна челична мрежа.

– Ја подигнавме безбедноста во сообраќајот, го подигнавме квалитетот на туристичкиот и економскиот потенцијал и развој во охридскиот регион, и обезбедивме квалитетна патна врска од Охрид до манастирскиот комплекс Св. Наум, но и до соседна Република Албанија. Извршивме растоварување на косините од нестабилен карпест материјал и монтиравме заштитна челична мрежа на косините. На овој начин се подобри прегледноста на патот што е најзначаен сегмент за учесниците во сообраќајот. Привршуваме со поставувањето на вертикалната сигнализација, односно сообраќајните знаци, како и со означувањето на хоризонталната сигнализација т.е боење со патарска боја. Привршува и поставувањето на еластичната одбојна ограда – додава Трајановски.

Повеќе може да погледнете од фотографиите во продолжение.

Овој магистрален пат е исклучително значаен не само затоа што е главна туристичка сообраќајна делница, туку и затоа што нѐ поврзува регионално.