Ленче Ристоска: Премиерот Мицкоски изнесе навреди кон мене и барам извинување
Јавната обвинителка Ленче Ристоска реагира на она што премиерот Христијан Мицкоски го рече за неа во интервјуто за „Вечер.мк“ во кое ја нарекува „медиокритет“ и потврдно одговара на констатацијата на новинарката дека станува збор за „клиентелистичко-политичка мартица“. Тој тоа го кажа зборувајќи законите за правосудството и предлог-измените на Кривичниот законик. Мицкоски не ја спомнува со име обвинителката, но од содржината на изјавата е јасно дека станува збор за неа.
Ваквите наводи обвинителката ги оценува како навреди и неосновани професонални дискалификации, поради кои, како што вели, од премиерот бара јавно да се извини и да ги повлече спорните наводи.
„По однос на интервјуто на претседателот на Владата на Република Северна Македонија за порталот ‘vecer.mk’, во кое за мене беа изнесени навреди и неосновани професионални дисквалификации, презедов соодветни институционални и лични чекори за заштита на мојата чест, углед и професионална самостојност.
Имено, во интервјуто претседателот на Владата изнесува неточни и понижувачки вредносни судови, имплицирајќи дека сум ‘медиокритет’ со ‘клиентелистичко-политичка матрица’, а дополнително ме поврза и со целосно измислени тврдења за изјави кои не сум ги дала, со очигледна тенденција да се доведе во прашање мојот професионален интегритет“, вели Ристоска.
Барањето за јавно извинување и повлекување на спорните наводи таа писмено го доставила до премиерот. Истовремено, доставила и писмено известување до Советот на јавните обвинители, во кое укажува дека со ваквиот јавен говор од премиерот се нарушува нејзината самостојност како јавен обвинител.
Ристоска е дел од ОЈО Скопје, јавна обвинителка за врски со Европравда и беше дел од тимот на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО). Таа пред судот сè уште ги застапува двете обвиненија – „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата како правно лице за нејзино незаконско финансирање, за што се бара и конфискација на партиското седиште.
Таа овој момент го наведува во својата реакција, нагласувајќи дека поради ваквите околности изјавите на премиерот ги доживува како несоодветен притисок врз нејзината работа.
„Нагласувам дека во моменталните околности, претседателот на Владата е и претседател и законски застапник на политичката партија која е опфатена во кривични постапки во кои јас постапувам како јавен обвинител, и има јасен правен интерес од нивниот исход. Поради тоа, овие изјави ги доживувам како несоодветен притисок врз мојата работа и обид да се влијае врз моето постапување и одлучување“, наведува Ристоска.
Инаку, наводите за кои реагира Ристоска премиерот Мицкоски ги изнесе во интервјуто за порталот „Вечер.мк“, одговарајќи на прашања повразни со корпусот закони за правосудството. Тој се чуди зошто Ристоска, нарекувајќи ја „поранешен припадник на поранешното СЈО“ ги кртикива измените во кривичниот законик и вели „просто не можам да верувам со каков тип медиокритети ние имаме работа“.