Ленче Ристоска го тужи ВМРО-ДПМНЕ, не се повлекува од „Талир 1“

Денеска по кој знае кој пат беше одложен судскиот процес за предметот „Талир 1“ за перење пари, кој треба да почне по шести пат


Фото: Б. Грданоски

 

Обвинителката Ленче Ристоска поднесе тужба против ВМРО-ДПМНЕ. Вели дека ги користи сите институционални механизми кои ѝ се на располагање и дека недозволиво е било кое обвинето лице да врши притисок врз јавен обвинител, особено од позиција на моќ.

„Јас ќе ги преземам сите институционални механизми кои ми се на располагање, бидејќи е недозволиво кое било обвинето лице да врши притисок врз јавен обвинител, а најмалку од позиција на моќ. Поднесов и тужба за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Поднесов и за премиерот, како што е јавно објавено известување до Советот на јавни обвинители, како институција која е задолжена за заштита на самостојноста на јавните обвинители“, изјави Ристоска. 

Претходно таа побара и јавно извинување од премиерот Христијан Мицкоски поради навреди и дисквалификации. Советот на јавни обвинители веќе најави дека ќе ја разгледува иницијативата. Од Владата, пак, порачаа дека премиерот не ја споменал обвинителката.

Изјавата Ристоска ја даде по одложувањето на судскиот процес за предметот „Талир 1“ за перење пари, којзнае кое по ред. Основниот кривичен суд овој предмет бескрајно го развлекува, а ниту еден од судиите кои го суделе досега не е казнет од страна на Судскиот совет. Денеска имаше обид по шести пат одново да почне овој голем предмет, поради кој Никола Груевски не може да се врати во Македонија.

„Одбраната во овој случај знае дека доказите на Обвинителството се неприкосновени и цврсти, па нивната доказна стратегија е фокусирана на одолголекување на постапката, бидејќи само преку застарување обвинетите можат да избегнат одговорност. Од друга страна, обвинителството и покрај застареното предикативно дело (злоупотреба на службената положба и овластувањата за Никола Груевски и Кире Божиновски), смета дека нема пречки за гонење на кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело, за кое застареноста според законот настапува во 2035 година“, изјави Ристоска.

Таа го застапува и обвинението „Талир 2“, во кој предмет е замрзнат имотот на Белата палата, односно седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а кој застарува порано. Во „Талир 1“ за Перење пари остануваат истите обвинети Никола Груевски, Кире Божиновски, Илија Димовски, Леко Ристовски и Миле Јанакиески. Ова судење почна уште во февруари 2019 додина и уште е во прв степен.

Од ВМРО-ДПМНЕ на ова одговорија со груби обвинувања велејќи дека Ристоска глумела жртва.

„Обвинителката Ленче Ристоска беше дел од СЈО, кое заврши со криминален скандал и рекетарска мрежа вредна неколку милиони евра. Како дел од таа мрежа, правосилно беше осудена нејзината шефица, Катица Јанева.

Таа се дискредитираше себе си што беше дел од обвинителството формирано за политички прогон и изнуда кое беше маша во рацете на СДС и Зоран Заев.

Интересно е како Ленче Ристоска сама се пронаоѓа во изјавите. Затоа Ристоска наместо да се извини, прави дефокус и глуми жртва. Таа не е никаква жртва, туку рицидив на системот кој голташе жртви и правеше прогон“.