Ле Риголер: Државните службеници треба да бидат своевидни менаџери

Државните службеници треба да бидат своевидни менаџери, добро да раководат со своите тимови, да ги спроведуваат владините одлуки и да бидат пример со своето одговорно и совесно однесување, рече денеска францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер по потпишувањето на Меморандумот за соработка со Министерството за јавна администрација (МЈА).
Според министерот Горан Минчев, Меморандумот е чекор напред во спроведувањето на реформите во јавната администрација, нејзината професионалност, транспарентност и ефикасност.
-Партнерството со Франција ја потврдува одлучноста на Македонија да изгради модерна, професионална и доверлива администрација која ќе биде двигател на развојот, сигурен партнер на граѓаните и столб на нашите европски амбиции, истакна Минчев по потпишувањето, потсетувајќи дека Министерството со француска поддршка ќе го спроведува проектот за јакнење на капацитетите и професионализација на администрацијата.
Проектот, напомена, ќе овозможи воспоставување академија за обука и стручно усовршување на административните службеници.
Франција, како што напомена амбасадорот, има големо искуство во областа на јавната администрација и особено од апект на нејзина обука.
-Оваа соработка не сака воопшто да наметне свој систем или модел, туку токму спротивното – сакаме да го споделиме нашето целокупно искуство и да објасниме за грешките кои сме ги направиле, подвлече Ле Риголер, додавајќи дека и франција во моментов се наоѓа во продлабочена трансформација на јавната администрација.
Ле Риголер порача и дека трансформацијата на јавната администрација е значајна за трансформирање на општеството и негова европска интерграција.
-Освен важноста за европската интеграција, трансформацијата на јавната администрација е битна и за подобрување на квалитетот на услугите кон граѓаните, а ефикасна администрација значи ефикасни институции во служба на граѓаните, потенцира амбасадорот.