„Ле Фигаро“: Макрон во искушение да поднесе оставка


Емануел Макрон (Фото: АФП)

 Како што пишува денешното издание на парискиот весник „Фигаро“ францускиот претседател Емануел Макрон бил во искушение да поднесе оставка и потоа повторно да побара нов мандат од Французите.

Од почетокот на кризата со Ковид—19 Емануел Макрон е под постојан притисок како да ја држи под контрола политичката ситуација. Со оглед на широките овластувања кои ги има францускиот претседател, тој има неколку институционални можности: промена на премиерот, распуштање на Националното собрание, референдум, па дури и оставка.

Политичките аналитичари веднаш ја исклучија можноста за оставка, иако последнава можност не е исклучена од страна на самиот претседател.

Тој тоа и лично го соопштил пред две недели, пред многу тесен круг луѓе, поточно на видео состанок на донатори во Лондон. Тој притоа зборувал кратко и јасно и ставил до знаење дека е подготвен, според неговиот омилен израз, да „преземе ризик“.

Според еден од учесниците, Макрон објаснил дека ја разгледува можноста за оставка за да предизвика „во наредните недели или месеци“ предвремени претседателски избори. Макрон е убеден дека ќе ги изненади противниците. 

-Сигурен сум дека ќе победам затоа што нема никој наспроти мене, изјавил Макрон, а пренесува Фигаро

Всушност, ако левицата и зелените успеаја да се договорат за вториот круг на општинските избори,тешко е дека ќе успеат да најдат заеднички кандидат, додека десницата е поделена.  

Според  „Фигаро“, изненадува фактот дека Макрон, сепак, се осмелил да разговара за ова сценарио пред повеќе лица, без да спомнува други институционални можности, како што е смената на премиерот и дел на владата, како што се шпекулира во францускиот печат  Елисејската палата  објаснува дека „во принцип, таа не исклучува никаква хипотеза“, но и додава дека „хипотезата за оставка никогаш не била на дневен ред, ниту била спомената на состанок во Елисејската палата“.

Претходниците на Макрон, Саркози и Оланд, двајцата не успеаја да добијат втор мандат, тоа исто така може да биде причина за оставка и обид да се добие нов мандат.

Инаку од 1958 година, Французите двапати мораа да гласаат на предвремени претседателските избори. Во 1974 година, по смртта на Жорж Помпиду и во 1969 година, по оставката на генералот де Гол.