ЛДП е за лидерска средба, но таа да не биде само за техничката влада


 

Либерално-демократската партија направи уште еден отклон од СДСМ откако заедно настапија на последните парламентарни избори. ЛДП смета дека лидерска средба има смисла, но на неа единствено мора да се разговара за суштински реформи, а не само за техника влада и „пазарски и ПР решенија“.

„Ние сме подготвени да одиме на лидерска средба, но не ако е таа само за укинување или задржување на техничката влада како изолирана и празна тема, туку заради одговори на клучните прашања кои директно го засегаат животот на граѓаните.

Несериозно е политиката да се сведе на тоа: ‘ние сме за укинување’‚ или ‘ние сме против укинување’ на техничката влада. И што потоа? Ако се укине или ако не се укине ?! Дали ќе јадеме поевтино? Дали ќе дишеме почист воздух? Дали ќе добиеме повеќе неповратни средства од Европската унија? Дали конечно ќе ја решиме корупцијата? Ако одговорот е не – тогаш темата сама по себе е празна“, велат од ЛДП и додаваат:

„На Македонија не ѝ е потребна техничка влада, туку ефикасен, рационален и деполитизиран систем – една изборна единица, отворени листи и можност граѓаните сами да одлучат кој ќе ги претставува. Да, треба да разговараме, но за вистински и суштински реформи. Сè друго би било губење време на грбот на граѓаните“.