Лавров сака да дојде во Скопје


Министерот за надворешни работи на Русија, сергеј Лавров, испратил писмо до шефот на дипломатијата Бујар Османи во кое барал да му се обезбеди присуство на најавениот министерски совет на ОБСЕ, што на крајот на ноември ќе се одржи во нашата држава. 

Тоа го потврди денес Османи, нагласувајќи дека околу тоа прашање има одредени предизвици, а пред се фактот дека воздушниот простор на Македонија и на другите соседни земји е затворен за руските државни авиони, така што неговото присуство треба да се организира логистички. 

„По правило, сите земји членки  треба да присуствуваат на министерскиот совет, но дали треба да бидат присутни  одредени конкретни личности, ќе зависи од одлуките што треба да ги  донесеме наредните денови“, рече Османи, практично одговарајќи во стилот „и да, и не“.

Тој дополни дека Руската федерација секако ќе учествува со свои преставници на состанокот, но нагласи дека „ова е време кога сите треба да излезат од пристапот на сопствените државни интереси во интерес на колективните“.

„Очекувам и Руската федерација да покаже знаци на компромис и соработка  со цел да го олесни процесот на обезбедување целосно присуство на нивната делегација“, рече Османи со додавка дека тохј лично се надева дека сите ќе бидат во Скопје. Тој практично сугерираше дека Скопје ќе биде добра можност да се  стават на маса жешки прашања што ја тресат Европа во моментов, а пред се војната во Украина. (С.Ј.)