Латинскиот патријарх сепак доби пристап до Црквата на Светиот Гроб
Пицабала во неделата беше спречен од израелската полиција да влезе во Црквата на Светиот Гроб во Стариот град на Ерусалим во Израел. Италијанецот сакал да ја служи традиционалната литургија за Цветоносна недела (Цветници) во црквата, но бил запрен од израелски полицајци и замолен да се повлече, соопшти Латинската патријаршија на Ерусалим. Инцидентот го опиша како „сериозен преседан“.
Неколку високи политичари остро ја осудија постапката. Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека спречениот пристап за Пицабала претставува „навреда не само за верниците, туку и за секоја заедница што ја признава верската слобода“.
Надворешнополитичкиот експерт на германските демохристијански партии ЦДУ и ЦСУ, Армин Лашет, го нарече инцидентот неприфатлив. „Да му се забрани на претставникот на Папата да ја посети најсветата христијанска локација во Страстната седмица е нарушување на вековната традиција на слободен пристап до Црквата на Светиот Гроб“, изјави претседателот на Комитетот за надворешни работи во Бундестагот за германската новинска агенција ДПА.
Израелската полиција соопшти дека сите свети места во Стариот град на Ерусалим моментално се затворени од безбедносни причини поради војната со Иран – особено оние „кои немаат стандардни засолништа за да се обезбеди јавна безбедност“.
Нетанјаху понатаму напиша дека кардинал Пицабала бил замолен да не служи литургија во црквата поради посебна загриженост за неговата безбедност. Во последно време, парчиња од ракети паднале само неколку метри од Црквата на Светиот Гроб. Иако можел да ја разбере оваа загриженост, Нетанјаху наведе дека им наредил на властите да му овозможат на кардиналот да ги служи богослужбите како што самиот ќе посака.