Ланските победници на НАСА спејс апс челинџ од Македонија во посета на НАСА Кенеди спејс центарот во САД


 

Најголемиот хакатон во светот организиран од страна на Американската агенција за вселенски истражувања NASA заедно со партнери и од други вселенски агенции „NASA Space Apps Challenge“ се одржува секоја година истовремено во 162 земји, а учесници се средношколци, студенти и млади претприемачи од целиот свет. Во 2021 година 28.000 учесници креираа над 2.800 проекти решавајќи предизвици со кои се соочуваат Земјата и вселената.

Во Македонија натпреварот традиционално се одржува од 2013 година, во организација на ЊуМенс Бизнис Акцелераторот и Фондацијата Голдилокс во партнерство со Амбасадата на САД во Скопје, и со поддршка на домашни институции и компании, како и ментори експерти од индустријата и универзитетски професори, а досега над 1500 млади таленти од нашата земја имаат земено учество.

Натпреварот во Македонија го иницираше и го води генералниот менџер на Њуменс Бизнис Акцелераторот – Ирена Чаушевска Даниловска, која има долгогодишно искуство во поддршка на млади таленти и претприемачи да го достигнат својот максимален потенцијал, а беше иницијатор за започнување на натпреварот и во повеќе држави од регионот, како и во Силициумската долина во САД во 2015 година.

Дипломците по Мехатроника на Машинскиот Факултет во Скопје – Тијана Костовска и Климент Младеноски од Охрид, кои го предводеа минатогодишниот победнички тим од Македонија TeamySeed, веќе една недела се во центарот на вселенската индустрија – Флорида, САД. Заедно со NASA, компании како SpaceX, Lockheed Martin, Boing и Blue Origin тука работат на создавање на летала кои во вселената секојдневно носат сателитски и комуникациски системи неопходни за функционирање на планетата Земја, а забрзано се работи и на создавање услови за враќање на човекот на Месечината, како и освојување на Марс. Технологиите и иновациите кои тука се тестираат и создаваат, се користат и во најразлични индустрии на Земјата како и во секојдневниот живот.

NASA Space Apps Challenge се одржува на почетокот на октомври месец, непосредно по септемвриската испитна сесија, кога многу од студентите сакаат да здивнат и одморат пред стартот на новата учебна година, па секоја година претставува дополнителен тест за одлучност, упорност и креативност. За како дошле до одлуката да учествуваат Климент открива „Отсекогаш сакав да учествувам на хакатонот, но поради тоа што сум студент на машински и не кодирав, мислев дека шансите се мали да учествувам во некој проект и успешно да ги покажам своите вештини, но минатата година го видов предизвикот за систем за одгледување растенија во вселената и знаев дека мора веднаш да се пријавиме“. Тијана додава „Ние веќе истражувавме за автоматско одгледување растенија на Земјата така што ова беше одлична можност да го искористиме тоа знаење и да дојдеме до решение кое ќе може да се имплементира во вселената“.

Тијана и Климент денеска имаа можност да се сретнат и поразговараат со астронаутот-пилот Woody Spring, кој реализирал бројни мисии со глајдерот Space Shuttle и поминал 165 часа во вселената, а два пати и „чекорел во вселената“. Астронаутот им раскажа како се одлучил за таква кариера, какво е чувството да се биде во ракетата додека полетува, што значи да се живее на Меѓународната Вселенска Станица и да се чекори надвор од леталото, како и за неговите мисии кога бил одговорен за лансирање на три комуникациски сателити.

Тијана и Климент имаа и ексклузивна можност низ посетата на NASA Kennedy Space центарот да ги води коментаторот на лансирања на ракети во вселената Steve Agid, кој претходно има и 28 годишно искуство во контрола и оптимизација на лансирање за време на мисиите на Space Shuttle, Delta и Atlas ракетите. За време на посетата имаа можност од блиску да се запознаат со животот на астронаутите во вселената и на меѓународната вселенска станица, видоа приемерок од легендарниот Space Shuttle глајдер вратен од мисија, како и примерок од Saturn 5 ракетата долга дури 110 метри што е еднакво на зграда од 36 спрата, која е поставена во легната положба и раздвоена по секции за да можат идните инженери одблиску да се запознаат со методологијата на изработка. Тие имаа и ретка можност да го проследат и враќањето на реупотребливата ракета на SpaceX на пристанишетото Cape Canaveral.

Во следните денови сите со нетрпение го очекуваме лансирањето и на најновата и најмоќна ракета на NASA – SLS која во рамки на Артемис мисијата има за цел враќање на човекот на Месечината после цели 50 години, како чекор поблиску до следната голема цел – Марс. Новиот предвиден датум за лансирање на SLS ракетата е оваа сабота на 3 септември.

Дополнително Тијана и Климент ќе се сретнат и со научници од NASA Kennedy Space центарот со кои ќе имаат можност да поразговараат со предизвиците со кои се соочија при развивањето на нивното решение на минатогодишниот хакатон NASA Space Apps Challenge. Тимот TeamySeed одбра да се фокусира на решение за одгледување на спанаќ, бидејќи поседува нутриенти што им недостигаат на астронаутите. Според Тијана главна препрека за одгледување растенија во нулта гравитација, е тоа што водата со која се наводнуваат може само да одлебди. „Ова го решивме со користење на специјални воздушни перничиња, а со употребата на МЕМС (Микро Електро-Механички Систем) технологија со која во реално време се мерат вредностите на температура, влага, и слично, во зависност од резултатите ќе се обезбедуваат идеални услови за спанаќот, со што ќе го намалиме времето на растење, односно во ист временски период ќе имаме повеќе берби“. Климент истакнува дека главната разлика меѓу нивното решение што го нарекоа Саластра и моменталната технологија е во тоа што со Саластра, екипажот на вселенското летало нема да има потреба редовно да ги наводнува растенијата, бидејќи ќе се користи актуатор за притискање на деформабилниот воден резервоар, наместо член на екипажот да го прави тоа сам“. Системот исто така има мали димензии со што ќе може да се користи во леталото без да зафаќа значително место.

Тијана и Климент оваа есен ќе продолжат на магистерски студии по Машинско инженерство во насоката Напредна Инструментација на Универзитетот Гронинген.

Пријавувањето за 10 годишното јубилејно издание на натпреварот NASA Space Apps Challenge во Македонија сите заинтересирани можат да го направат на https://forms.gle/6NLDXNiafbWscGDz7
Освен во категоријата за учесници со навршени најмалку 15 години, може да се учествува и во младинската (11-14 години) или детската категорија (5-10 години).