Фон дер Лајен: Уставните измени се неопходни, изборот е ваш

Според претседателката на ЕК сите партии имаат одговорност за државата и затоа се надева дека ќе ги усвојат уставните измени со широко мнозинство


Фото: Б. Грданоски

 

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен,  потврди денес дека уставните измени се неопходен услов за отворање на првото поглавје од преговорите со ЕУ, со што  практично стави точка на идеите и барањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Македонија да почне безусловни преговори, а потоа да го решава спорот, што е најновото условување за да гласаат во парламентот.

Дер Лајен најдиректно порача дека гласањето на уставните промени е наш избор, а во ЕУ само се надеваат дека ќе направиме чекор напред, дека сите политички партии ќе преземат одговорност, дека измените ќе се донесат со големо мнозинство гласови и дека Македонија до крајот на годината ќе ги почне преговорите.

Таа го образложи планот за раст на ЕУ кој, според неа, почнува да се конкретизира, преставувајќи ја подобрата економска иднина на Македонија која, со европска помош т.е. пари може да ја зголеми двојно економијата. Претставувајќи ги столбовите на планот, таа нагласи дека тој ќе бара позитивни реформи за бизнис средината, ефикасна администрација, здрави јавни финансии, реформа на судскиот систем и борба против корупцијата. И покрај фактот дека уставните измени сѐ уште висат, таа рече дека Македонија е на „добар пат да ѝ се приклучи на ЕУ“ и дека таа со нетрпение очекува да нѐ пречека таму.

„Неверојатно е да се види напредокот којшто Северна Македонија го постигна и решителноста да се движи напред, тоа е импресивно. Мојата желба е да продолжите. Ние се стремиме да ги отпочнете преговорите оваа година. ЕУ има долга историја на проширување и почитување на сите и секоја нација, почит за разноликоста што претставуваме. Северна Македонија ќе ја пречекаме со нејзиниот уникатен идентитет и со македонскиот јазик“, рече претседателката на ЕК.

Разговорите со премиерот ги нарече одлични, а за земјата рече дека постигнала многу и дека треба да се продолжи со реформите. На прашањето што ако не се донесат уставните измени, рече дека „Северна Македонија е суверена држава со сопствен избор“.

„Свесна сум за уставните измени, првите чекори се преземени во Собранието и очекувам политичките партии да го искористат моментот. Изборот е ваш. Сигурна сум дека ќе ја задржите репутацијата на успешно мултиетничко општество, обединето во различитостите. Се надевам дека сите партии ќе го искористат тој момент и ќе ги поддржат уставните измени со големо мнозинство. Сите партии имаат одговорност за иднината на државата“, изјави Дер Лајен.

На новинарско прашање зошто нема средба со Мицкоски, Урсула фон дер Лајен рече дека секаде се сретнува со претседател или премиер на земјата. 

Фото: Б. Грданоски

Во однос на најавите за 2030 година како можност за приклучување кон ЕУ, таа додаде дека овој процес се занова на заслуги и никој не треба да чека одреден датум.

„Можете да бидете и побрзи. Колку побрзо одат реформите, толку побрзо ќе се движите напред. Постои прозорец на можности што сега е отворен. Процесот не е толку строг и се заснова на заслуги и никој не мора да чека одреден датум“, изјави Дер Лајен.

Прашана дали во ЕК веќе се разгледува француско-германскиот предлог за реформа на ЕУ и дали во 2030 година, со оглед на претстојните европските избори е достижна за ваква длабока реформа на Унијата и дали 2030 е достижна за ЕУ исто како што е достижна и за земјите од Западен Балкан да го завршат својот дел од обврските, таа одговори дека „сега работите навистина се менуваат на подобро и сега гледаме вистинска динамика и момент во процесот на проширување“.

„Сакаме Западен Балкан да се приклучи кон ЕУ, а за тоа вие треба да се подготвите, и ние треба да се подготвиме. Добро е што сега започна конкретна дискусија во ЕУ што треба ние да направиме за да бидеме подготвени, кои се прашањата што се отворени, кои се одговорите што треба да ги дадеме. Ова не беше случај во текот на минатиот мандат. Нешто значително се промени во овој мандат и работите стануваат конкретни. И затоа, мојата молба и охрабрување за движење напред во различните држави од Западен Балкан затоа што ова навистина е отворен прозорец на можности и, ајде, заедно да го искористиме овој момент“, нагласи Дер Лајен.

Запрашан дали очекува Македонија да го исполни неформалниот рок за промена на уставот до декември годинава, премиерот Димитар Ковачевски не даде јасен одговор. 

„Јас сум човек кој верува во остварување на целта и работи целта да се оствари. Ние имаме неповторлива шанса да обезбедиме европска иднина за државата со носењето на потребните одлуки во Собранието. Се надевам дека оние кои секогаш во историјата биле против европските и атланските интеграции на држава конечно за прв пат во своето политичко постоење ќе покажат во парламентот дека се за европска иднина на државата. Зошто го велам тоа сега? Затоа што, како што кажа и претседателката, сега има отворен прозорец за пристапување кон ЕУ, бидејќи ако пред неколку години оваа тема воопшто не беше тема на широк консензус меѓу земјите членки, сега во овој геополитички момент сите земји се едногласни дека треба да има проширување. А проширувањето, ако ја погледнете мапата на Европа, практично значи обединување на Европа, бидејќи земјите од Западен Балкан на сите свои граници се опкружени со земји на ЕУ“, одговори премиерот.

Според Ковачевски, ние како држава имаме 50% усогласеност на нашето законодавство со ЕУ,  имаме институции кои се целосно усогласени со ЕУ, нашиот економски систем е на ниво на перформанси кои овозможуваат да добива макрофинансиска помош од ЕУ – ако не е така, нема ни да се разговара за такви прашања.

„Затоа сметам дека сите треба да си ја земат одговорноста во свои раце пред сегашните и идните генерации. Со вакви работи не се калкулира, не се прави политички личен рејтинг. Со вакви работи не смее да се игра со емоциите на граѓаните бидејќи тоа ќе значи единствено повторување на оној лош филм кој го гледавме 11 години во држава, кога имавме уназадување на меѓуетничките односи во Северна Македонија, кога имавме уназадување на односите со соседите и кога ни еден милиметар не мрднавме во евроинтеграциите, кога економијата не ни растеше повеќе од 2% просечно годишно, при инфлација од 3%. Затоа велам дека лошите искуства од историјата не смеаат да се повторуваат. Јас ќе продолжам заедно со коалициските партнери, заедно со лидерите во коалицијата да работиме сонот за европска Македонија да се оствари до 2030 година“, рече Ковачевски.

И Ковачевски и Лајен соопштија детали за Планот за раст вреден 6 милијарди евра кои ќе бидат насочени кон инвестиции и кон четири главни области. Како што рече Дер Лајен 100 милиони евра ќе бидат распределени за макроекономска поддршка со цел да се удвои растот на економијата во претстојниот период. Тоа треба да им помогне на македонските компании да бидат подготвени за пристап во единствениот европски пазар од кој ќе ни бидат отворени седум области (како е-трговија, безготовински плаќања, патен транспорт, електрична енергија и роаминг). Меѓу четирите приоритети на Планот за раст на Македонија е поддршката и за регионалниот пазар со чија зголемена соработка меѓу земјите од регионот се очекува зголемување на БДП на Западен Балкан за 10%. Во фокус на овој план и понатаму остануваат поддршката за реформите во бизнис средината, за ефикасна јавна администрација, за јавните финансии и за реформите во судството и за борбата против корупцијата.

Урсула фон дер Лајен соопшти детали и за француско-германскиот предлог за реформа на ЕУ и за изгледите до 2030 година да се спроведат и реформата во Унијата како подготовка за наредното проширување.

„Работите навистина се менуваат на подобро затоа што она што го гледаме е вистинска динамика во процесот на проширување. Сакаме Западен Балкан да се приклучи кон ЕУ, а за тоа треба и вие и ние да се подготвиме. Добро е што сега започна конкретна дискусија во ЕУ што треба ние да направиме ние за да бидеме подготвени, кои се прашањата кои се отворени. Кои се одговорите кои треба да ги дадеме. Ова не беше случај во текот на минатиот мандат, во овој мандат значително се промени нешто и работите стануваат конректни“, посочи фон дер Лајен.

По завршувањето на прес-конференцијата, таа и премиерот Ковачевски ќе ја посетат фабрика за преработка на овошје и зеленчук во близина на Скопје, корисник на средства од ИПАРД програмата финансирана од ЕУ.