Лајен се заложи за Коридорот 8, но го спомна и Коридорот 10


Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес во Скопје зборуваше за Планот за раст што го нарече заеднички патоказ со кој ќе се приближат економиите на Западен Балкан и таа на ЕУ и постепено да се интегрираат.

„Го знаете пристапот: ги отвараме нашите пазари во одредени сектори и за возврат вие ќе спроведете важни реформи, за да имаме изедначено поле за игра, а тоа ќе биде придружено со дополнителни инвестиции. Помина една година откако го почнавме Планот за раст и земјите од Западен Балкан ги испорача резултатите. Северна Македонија заврши добра работа, имаме одлични реформи и треба да почнеме со 52 милиони евра до крајот на годината“, рече Фон дер Лајен.

Таа истакна дека Македонија треба да добие над 750 милиони евра според Планот за раст, кој се очекува да испорача добри резултати за луѓето и за бизнисот.

„Вие сте на добар пат да станете дел од т.н. зона на слободно плаќање во ЕУ. Тоа значи дека преносот на парите меѓу Северна Македонија и ЕУ ќе се движи побрзо, побезбедно и слободно“, рече таа.

Втората работа, додаде е нашиот инвестициски план за Западниот Балкан.

„Поминаа четири години како е воспоставен овој инвестициски план и добро се спроведува. За земјата планот мобилизираше 1,7 милијарда евра за инвестиции и ќе се фокусира кон чиста енергија. Ние во ЕУ се обврзавме да бидеме климатски неутрални до 2050 година и затоа е важно нашите партнери од Западниот Балкан да ни се приклучат на ова патување. Во Северна Македонија обновливите извори се една четвртина од производството на струја и сакаме да ги зголемиме. ‘Осломеј’ и РЕК ‘Битола’ треба да работат на соларна енергија, рече претседателката на Европската комисија, споменувајќи го и ветерниот план во Богданци како важна инвестиција.

Таа додаде дека Унијата инвестира и во чист транспорт, чија цел е подобра поврзаност во Европа.

„Ова го вклучува и проектот за Коридор 8, со кој се поврзувате со Бугарија и со Албанија, а го имаме и Коридорот 10, кој минува низ вашата земја. Овие инвестиции ќе ја претворат земјата во клучен транспортен центар и тоа ќе донесе придобивки“, рече Фон дер Лајен.

Трета точка што ја истакна еврокомесарката е плодната соработка во граничната заштита. Рече дека Македонија е петта земја надвор од ЕУ во која има тим од полицајци од Фронтекс.

„Стотина граничари од ЕУ ги чуваат границите. Тоа е важно за нас затоа што еден ден границите на Северна Македонија ќе станат граници на ЕУ и треба да се подготвиме“, рече таа.

Фон дер Лајен додаде и дека соработуваме при одговорите на катастрофи и потсети дека ова лето Македонија беше многу погодена од шумски пожари, поради што двапати беше активиран механизмот за цивилна заштита, при што европските држави испратија шест авиони и три хеликоптери, порачувајќи дека сето тоа покажува што значи да се биде дел од принципот на солидарност на ЕУ и да се биде земја членка. 

Наспроти Лајен која преферираше да зборува за одење напред, претседателката Гордана  Сиљановска-Давкова се фокусирала на политиката, при што изразила очекување дека процесот на интеграција ќе се спроведе врз основа на принципот на заслуги и Копенхашките критериуми. И таа како премиерот Христијан Мицкоски барал помош од ЕУ за проблемот што самите го искомплицираа.

„Посочувајќи ја важноста од одржување на кредибилитетот на Европската Унија во однос на политиката на проширувањето, претседателката ја истакна потребата од засилена поддршка од страна на европските институции со цел надминување на билатералните предизвици и забрзување на евроинтеграциите. Претседателката изрази подготвеност за натамошно продолжување на дијалогот и ја истакна важноста новиот пристап на постепена, фазна интеграција да продолжи паралелно со процесот на пристапување“, се наведува во соопштението од кабинетот на Сиљановска.