Кушнер вели дека главна пречка за крај на војната е што Украина не сака да ѝ отстапи територија на Русија


Џаред Кушнер (лево), Стив Викоф и Владимир Путин

 

Територијалното прашање останува да се реши пред да може да се постигне договор за крај на војната меѓу Русија и Украина, но Киев не е подготвен на отстапки, изјави Џаред Кушнер, специјален пратеник на американскиот претседател и негов зет. Тој додаде дека американската страна изминатите девет месеци работела на други елементи од мировниот договор, вклучувајќи безбедносни гаранции и механизми за спречување на повторно разгорување на непријателствата.

Кушнер истакна дека за време на преговорите во Москва, рускиот претседател Владимир Путин ги изнел своите територијални барања. „Ако Украина се согласеше да се повлече до таа линија, веќе ќе го имавме подготвено остатокот од договорот. Но, засега, Украина не е подготвена да го стори тоа“, рече пратеникот на Трамп.

Кушнер додаде дека САД, како посредник, се обидуваат да најдат „креативно решение“ што нема да ги загрози интересите на Украина, а истовремено ќе ја убеди Русија да ја заврши војната. Тој ги повика страните да ги разгледаат не само територијалните прашања, туку и можностите за економски развој по завршувањето на конфликтот. Според Кушнер, САД очекуваат да ги објават следните чекори во преговарачкиот процес во текот на наредните неколку недели.

Русија продолжува да инсистира на предавање на целиот регион Донбас, вклучувајќи го и делот од Доњецката област што е под контрола на Украина. Киев нагласува дека нема намера доброволно да ги повлече своите трупи од овие територии.

Истовремено, Кремљ негира дека Москва веќе ги одобрила преостанатите точки од мировниот договор за Украина. „Постојат многу други прашања – навистина, огромен број – за кои сè уште треба да се постигне договор. Но, можеби ако се постигне напредок по првото прашање, она територијалното, ќе биде полесно да се продолжи по патот кон постигнување договори“, изјави помошникот на претседателот, Јуриј Ушаков.

На почетокот на септември, специјалните пратеници на американскиот претседател, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, водеа разговори за завршување на војната, прво во Москва, а потоа и во Киев. Нивната прва посета на Москва по повеќе од шест месеци беше планирана уште од пролетта и неколкупати одложувана, но не успеа да го промени ставот на Путин. По средбата со американските претставници, рускиот претседател остана посветен на продолжување на војната, изјавија извори за Блумберг. Изворите на агенцијата исто така наведоа дека Путин има намера да го заземе целиот Донбас и очекува армијата да биде способна да го стори тоа во текот на следните шест месеци.