Куса средба Мицкоски – Герапетритис на самитот во Берлин


 Премиерот Христијан Мицкоски и шефот на грчката дипломатија имале куса средба на маргините на Самитот на Берлинскиот процес, според фотографиите што на платформата Икс ги објави Министерството за надворешни работи на Грција.

Од грчкото МНР информираа дека Герапетритис имал куси размени на мислења на Самитот во Берлин и објавија фотографии, а освен со Мицкоски, разговарал и со неговиот македонски колега Тимчо Муцунски.

Шефовите на двете дипломатии минатиот месец ја одржаа нивната прва средба во Њујорк за време на Генералното собрание на Обединетите Нации.

Делегацијата на Северна Македонија во Берлин на Самитот на шефови на Влади на земјите од Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес ја предводи премиерот, а учествуваат и министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани.

На самитот грчкиот шеф на дипломатијата порача дека во време на две војни кои го загрозуваат нашиот регион, кои ја загрозуваат глобалната безбедност, европскиот пат на Западен Балкан е важен за да може во нашиот регион да се консолидира мир и просперитет, да избегнеме национализми, да зацртаме курс кој ќе биде компатибилен со Европа.

Тој уште еднаш ја повтори позицијата на земјата за ЕУ перспективата на регионот, позиција, како што рече, одредена пред дваесет години со Солунската агенда од 2003 година, кога „Грција беше пионер во интеграцијата на Западен Балкан во европското семејство“.

-Ова треба да се направи со целосно почитување на европското законодавство, со целосно почитување на меѓународното право, со целосно почитување на принципите на демократијата и владеењето на правото. А ние ќе бидеме тие кои ќе го забрзаме овој процес, секогаш под услов да се почитуваат основните принципи на Европската Унија, за нашиот регион да ги има мирот и просперитетот што се потребни во овие тешки времиња, истакна Герапетритис.

Од владата соопштија дека предвидени се и повеќе билатерални средби на премиерот Мицкоски.