Куманово со 12 милиони од унгарскиот кредит асфалтира улици, ќе гради градинка и мост


 За Куманово од централниот буџет одвоени се околу 12 милиони евра, соопшти денеска претседателот на Владата, Христијан Мицкоски кој заедно со министри, пратеници и со градоначалникот на Куманово, ја посети „Соколана“.

– Од централниот буџет, мислам дека се финансирани проекти во вкупна вредност од 11 до 12 милиони евра овде во Куманово. Мислам дека е значајно, бидејќи досега такво нешто во општините не се случувало. Овие капитални инвестиции се токму во таа насока – да обезбедат подобар живот и подобри услови за живот на кумановци, како и на сите граѓани во Македонија. Повеќе за канализации, за асфалт, за патишта, булевари, за улици, за водовод итн. Така што, ние сме горди на тој проект, бидејќи со тој проект повеќе од 350-400 милиони евра ќе завршат во општините, вклучително со другите програми на министерствата, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.

Како што наведе, дел од проектите во општините што се финансирани преку унгарската кредитна линија веќе се отпочнати и завршени, дел се во тек на реализација, дел допрва ќе ја отпочнат, коишто ќе обезбедат подобри услови за живот на граѓаните.

– Станува збор за половина милијарда евра, коишто веќе почнаа да се чувствуваат. Дел од тие проекти се отпочнати и завршени, дел се во тек на реализација, дел допрва ќе ја отпочнат, бидејќи тендерските процедури од вториот повик траат. Така што навистина тоа претставуваше нешто вонредно добро, и бенефит имаат граѓаните коишто директно гледаат дека во нивните општини се работи, посочи премиерот Мицкоски.

Во Куманово со овие пари ќе ги реконструираат повеќе улици во неколку населби, „Иго Тричковиќ“, „Перо Чичо“, „Тоде Мендол“, „Зелен Рид“, …, ќе се гради локален пат од Куманово кон Пчиња. Реконструкција на водоводната мрежа ќе има на улиците „11 Октомври“ од „Гоце Делчев“ до 4 јули, реконструкција на фекална канализација на улицата „11 Октомври“ од „Гоце Делчев до „Сава Ковачевиќ“. Гасоводна мрежа ќе се прошири кон „11 Ноември до ООУ „Толи Зордумис“, на другиот дел од Куманово од улицата „АВНОЈ“ со „Видое Смилевски-Бато“, Тесла“, улица „Драган Стопаревиќ“, „Горно Милановачка“ и „Вараждинска“, дел во центарот на Куманово од „Народна Револуција“, „Доне Божинов“ и до населбата Карпош улицата „Тоде Думба“, улица „Никола Тесла“.

Средства се предвидени и за партерно уредување, изведба на систем за ладење и греење, електрика и фотоволтаици во спортската сала. На вториот повик добиени се средства изградба на детска градинка, реконструкција на дел од Дом за стари лица „Зафир Сајто“ Куманово, изградба на мост во село Довезенце, реконструкција на градска капела и за реконструкција на „Вера Которка“ во село Клечовце и реконструкција на ООУ „Кочо Рацин“.