Кумановци можат да аплицираат за субвенции за гасификација
Кумановци можат да аплицираат за субвенции за гасификација во 2026 на јавниот оглас што го објави Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопштија на денешната прес-конференција надлежните од ЈП „Куманово-Гас“. Јавниот повик за субвенционирање на граѓаните за приклучок на дистрибутивна гасоводна мрежа или за набавка на гасен котел е објавен пред неколку дена, а субвенцијата изнесува до 30.000 денари по домаќинство, но не повеќе од 70 проценти од направените трошоци. За оваа мерка во буџетот на Министерството се обезбедени вкупно три милиони денари.

Повикот е наменет за физички лица, едно домаќинство може да аплицира само еднаш и да избере една од двете можности субвенција за приклучување на гасоводната мрежа или субвенција за купување гасен котел, за што е потребно да има приклучок кон мрежата. Оние кои се заинтересирани за приклучување најпрво треба да ја комплетираат техничката документација и да склучат договор со претпријатието. Повикот трае до 30 јуни годинава.
-Откако лицето ќе дојде кај нас со комплетна документација, проектна документација и одобрение за градба склучуваме договор и вршиме официјален физички приклучок. Потоа од наша страна добива комплетна документација, вклучително и потврда дека приклучокот е извршен, која се доставува до Министерството за енергетика-изјави Митровски.
Тој објаснува дека барањата ќе се разгледуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, по завршувањето на повикот и проверката на поднесените документи. Во случај на субвенција за гасен котел, апликантите треба да достават фискална сметка или фактура од компанијата од која е купена опремата, заедно со образецот за барање кој е достапен на веб-страницата на Министерството за енергетика.
Според Митровски, ова е втор ваков повик на Владата. Првиот бил реализиран во 2023 година, кога субвенцијата ја искористиле околу сто домаќинства од Куманово.
– Очекуваме сличен интерес и овој пат. Разликата е што сега има повеќе можности за субвенција за гасен котел, бидејќи дел од граѓаните претходно го направија приклучокот, но сè уште немаат инсталирано котел. Ова е можност да ја комплетираат гасификацијата на своите домови-посочи Митровски.
Финансиската пресметка покажува дека со комбинирање на државната и општинската субвенција значително се намалуваат трошоците за приклучување. Цената на приклучокот на дистрибутивната мрежа изнесува околу 78.000 денари. Општина Куманово обезбедува субвенција од 25.000 денари, а државната поддршка изнесува до 30.000 денари.
-Ако се искористат двете субвенции, домаќинството треба да плати околу 23.000 денари за приклучок. Дополнително, ние овозможуваме плаќање на рати до 12 месечни рати-вели Митровски.
Општинската субвенција директно се префрла на сметката на претпријатието, додека средствата од Министерството за енергетика се исплаќаат директно на сметката на апликантот. Цената на гасните котли, според пазарните услови, изнесува над 60.000 денари, што значи дека со субвенцијата граѓаните можат да покријат значителен дел од инвестицијата.

Сепак, интересот за гасификација во голема мера зависи од стабилноста на цената на природниот гас на меѓународните пазари. Митровски потсетува дека по почетокот на војната во Украина во 2022 година цената доживеала драматични осцилации.
– Пред кризата природниот гас се движеше од 25 до 30 денари. Во септември 2022 година цената достигна и до 135 денари. Потоа следеше стабилизација и во последните две години цената се движеше меѓу 55 и 65 денари-вели тој.
Во моментов се следат и новите геополитички случувања на Блискиот Исток, кои може да влијаат врз берзанските цени.
– Има одредено покачување од околу 40 до 50 проценти на берзите, но сè уште е рано да се калкулира со точни цени, бидејќи тие се формираат на месечно ниво-нагласува Митровски.
Според информациите од снабдувачите, засега има доволни количини гас до крајот на грејната сезона, а потрошувачката во последните денови веќе опаѓа поради повисоките температури.
– Грејната сезона е при крај и тоа се одразува на потрошувачката. Во последните десетина дена таа е значително намалена во однос на периодот кога температурите беа пониски, додава Митровски.
Очекувањата се дека субвенциите ќе го поттикнат интересот за приклучување на гасоводната мрежа, но долгорочниот раст на бројот на корисници ќе зависи од економската исплатливост и стабилноста на енергетскиот пазар. Во Куманово има околу 26 километри гасификација мрежа на која се приклучени околу 30-тина правни субјекти./МИА