Крвава Месечина над Скопје
Делови од светот ноќеска го видоа првото целосно помрачување на Месечината по повеќе од две години, кое се совпадна со таканаречената крвава супермесечина. Овојпат, во реткиот небесен спектакл можеа да уживаат луѓето во Хаваи, Аласка, Калифорнија, Чиле, Аргентина, Австралија, Нов Зеланд и Југоисточна Азија. Иако целото шоу траеше околу пет часа, целосното помрачување можеше да се набљудува само 14 минути.
Ова беше втората и последна супермесечина за оваа година. Месечината беше во најблиската позиција до Земјата оваа година, на оддалеченост од 360.000 километри, па во комбинација со тоа што беше полна, изгледаше поголемо и посјајно од обично.
Следното целосно помрачување на Месечината ќе се случи во мај 2022.
Како настанува крвавата Месечина?
При замрачување на Месечината, Сонцето, Месечината и Земјата се наместени во ретка констелација, зашто Земјата притоа се наоѓа на права линија помеѓу Сонцето и Месечината. Тоа е можно само во фаза на полна Месечина и само кога Месечината се наоѓа во непосредна близина на точката каде се „пресекуваат“ нејзиниот пат околу Земјата и точката на „пресекување“ на патот на Земјата околу Сонцето. За разлика од замрачувањето на Сонцето, кога Месечината се наоѓа самата помеѓу Сонцето и Земјата, кај замрачувањето на Месечината врз неа паѓа само сенка од Земјата. Затоа, погледот на Месечината не е покриен, туку е само замрачен поради немањето сончева светлина.
Причина за посебната боја на Месечината е „играта“ на светлината од Сонцето и Земјината атмосфера. Сончевата светлина има различни бранови должини и зависно од тоа како тие се прекршуваат низ атмосферата, настануваат различни бои. При целосно замрачување на Месечината, светлината се прекршува низ атмосферата така што во сенката на Земјата доаѓа само црвениот дел од светлината, па Месечината свети црвено.