Крушево си го бара „Македониумот“ под општинска закрила
„Македониумот“ е симбол на македонската борба, но и симбол на негрижата на институциите. Денеска пак протече вода во него

БИТОЛА – Реакциите во јавноста се огромни за состојбите во кои е доведен грандиозниот споменик „Македониум“ во Крушево, кој е можеби најзначајниот белег на борбата за независност на Македонија. И денеска во внатрешноста од споменикот имаше насобрано вода, од сабајлешните врнежи од дожд, па фотографии од вирчињата со протечена вода на подот, на кои како на огледало се пресликуваат витражите, сподели и министерот за култура Зоран Љутков.
Не изостана ни сликата од мувлата од претекувањето на вода од витражите и ‘рѓата околу врамените овални прозорци.
Министерот со екипата се фотографираше насмеан надвор пред споменикот, но зад него ја прикажа вистинската слика од негрижата за овој архитектонски бисер, оштетната фасада, упрапостениот фронтален витраж, прозорците… потврда за обезвреднетата состојба во која е доведен овој значаен споменик на културата, една од најоригиналните архитектонски градби во светот.
Во Крушево министерот Љутков дојде со директорката на НУ Завод и Музеј – Прилеп, Мимоза Христоска, под чија надлежност е стопанисувањето со музејот. Во екипата не беше градоначалникот на Крушево Томе Христовски. Не добил покана.
Негативните реакции на јавноста не стивнуваат и покрај најавата на владата дека ќе обезбеди проект за интервентна заштита на споменикот од 40 илјади евра.
„Страшна е состојбата со споменикот, заборавен е одамна, доѓаат туристи од целиот свет, од далеку се воодушевуваат ама кога ќе се приближат им се плаче како пропаднал. Секоја година наши деца доаѓаат на екскурзии од цела Македонија да го видат и да ги слушнат приказните за Илинден 1903 за партизаните, ама што да видат децата – култура, историја, архитектира или тотална негрижа на системот“, велат во разговор граѓани на Крушево и бараа итна интервенција од власта.
Порака од Крушево сега испраќа и актуелниот градоначалник Томе Христовски кој во изјава за „Независен“ повикува државата да го отстапи „Македониумот“ на локалната власта за да има во континуитет кој да се грижи за овој споменик.
„Сите национални установи треба централната власт да ги предаде на општините, децентрализација. Општината да менаџира и со овие објекти-споменици кои се со исклучително историско и културно значење за Македонија и Крушево. Подобро ќе биде ако централната власт го даде споменикот на општината, бидејќи е објект од областа на културата полесно можеме да привлечиме средства од европски фондови за обнова на објектот. Пред извесно време имавме една таква понуда, но објектот не е под наша надлежност. Ние сме подготвени да ја преземеме следната фаза на децентрализација, која не е направена уште од 2005 година“, ни изјави Христовски.

Тој за „Независен“ додава дека никој од централната власт, па ни министерот за култура денеска не го побарале да се консултираат како со локална власт да се вклучи општината и да помогне околу санирање на состојбите со „Македониумот“.
Споменикот во Крушево е сеќавање на револуционерниот отпор на Илинденското востание во 1903 година против Отоманската империја и спомен на антифашистичката борба на партизаните за слобода во Втората светска војна. Овој објект е еден од најпосетувани во малото гратче Крушево, па градоначалникот Христовски напоменува – иако споменикот е под централно ниво, под Министерството за култура, „без општината не ја бива работата“.
Христовски вели дека како локална самоуправа се грижат да донесат што повеќе гости и посетители за да ја видат уникатната вредност што ја поседува споменикот „Илинден“. Дури во 2019 година по општински промоции пред меѓународни институции за архитектура и дизајн „Македониумот“ е рангиран на четвртото место на листата најспецифични градби во светот.
Претходно ова архитектонско ремек – дело, магазинот Architecture & Design го вброи меѓу 10-те најуникатни градби во светот, а во 2016 година американскиот магазин Architectural Digest го стави на листата на седумте најинтересни бруталистички градби во светот.
Споменикот се протега на 12 хектари на ридот Гумење во Крушево, и е дело на вајарот Јордан Грабуловски – Грабул (1925 – 1986) и неговата сопруга, архитект Искра Грабул (1936 – 2008).
Градоначалникот Христовски вели дека актуелната локална власт претходно помогнала во неколку наврати со времена санација на споменикот.
„Претходно издејствуваме да се реновира дел по дел објектот. Почнавме со подиумот, но заради специфичноста на витражите немавме мајстор, инвеститор кој што може да ги санира витражите каде што има протекување на вода од надворешни влијанија. Овие средства што сега ги доделува владата се за реконструкција на витражите. Ние секоја година правиме времено санирање, но има протекување на вода“, вели Христовски за „Независен“.
Министерот Љутков по увидот на споменикот заедно со стручните екипи од НУ Завод и Музеј – Прилеп, рече дека лани е извршен теренски увид и подготвен е проект за интервентна заштита на овој капитален објект, во вредност од 2,5 милиони денари, чија реализација ќе започне годинава.
Рече дека со директорката на НУ Завод и Музеј – Прилеп, Христоска, работат на план за целосна реконструкција и конзервација на „Македониумот“.
„Проектната документација е во изработка и очекуваме да биде финализирана до средината на 2026 година. Реконструкцијата започна уште во 2014 година со низа значајни активности, но во 2017 година беше прекината, оставајќи го објектот незаштитен. Последиците од таа негрижа ги гледаме сите денес“, рече Љутков и порача дека „Овој споменик не е само архитектонски објект, туку симбол на македонскиот идентитет, историја и борба“.
Всушност министерот Љутков не кажа ништо ново, од она што вчера го објави портпаролката на Владата Марија Митева, која рече дека сегашната состојба на овој споменик, не е резултат на негрижа од актуелната Влада, туку на долгогодишно одлагање и непостапување во изминатите години.
Митева најави дека „Македониумот“ како уникатен архитектонски и уметнички објект, создаден со бетон, витражи и специфични материјали има потреба од врвна стручност. Затоа и дел од експертизата владата ќе ја обезбеди од странство, за да гарантира дека ова културно наследство ќе биде трајно заштитено.