Крушево – лидер по посети од туристи за алтернативен, спортски и еколошки туризам


 

Околу 85 отсто од вкупниот број туристи кои сакаат алтернативен, спортски, селски или еколошки туризам, го посетиле Крушево. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето направено на национален и локален репрезентативен примерок за Крушево во 2023 година. Главни причини за посета на Крушево се наведуваат рекреација (59 отсто ), одмор (27 отсто), односно 21 отсто поради одреден настан (случување). Останати причини поради кои домашните туристи го посетуваат Крушево (пријатели/фамилија, планинарење, за работа (службено), етно туризам, скијање и непланирана посета на поминување) учествуваат од 8 отсто до 16 отсто.

Една третина од испитаниците последен пат во Крушево биле пред 3 или повеќе од 3 години. Од останатите, 23 отсто го посетиле Крушево во текот на оваа (2023) година, 21 отсто во текот на претходната (2022) година и 15 отсто пред 2 години. Само 5 отсто одговориле дека не се сеќаваат кога го посетиле Крушево, односно посетата се случила многу одамна.

Според локалното население, 46 отсто од посетителите се домашни туристи и 35 отсто се странски туристи. Високи 95 отсто од локалното население сметаат дека Крушево може да привлекува туристи преку целата година. Како месеци со најниска посетеност од туристите се есенските и зимските месеци (октомври, ноември, јануари и февруари) и рана пролет (во текот на март и април). Како главни причини за ниската посетеност според локалното население е недостигот на програма/настани што би привлекле туристи, слабата промоција на градот, стандардот на домашните туристи и квалитетот на сместувачките капацитети.

Локалното население мисли дека странските туристи најмногу доаѓаат за параглајдерство (90 отсто) и планински туризам (41 отсто), додека домашните туристи најмногу доаѓаат за планински туризам (70 отсто), зимски туризам (67 отсто) и посета на историски знаменитости (65 отсто). Дополнително, според локалното население најголем број домашни туристи доаѓаат од Скопје, Прилеп и Битола (меѓу 42%-79%) и од Охрид, Велес, Струга и Куманово (11%-24%).

Главни атракции кои најчесто се посетуваат во Крушево од домашните туристи се Мечкин камен, Куќата на Тоше Проевски и Македониумот со 74% – 78%, соодветно. Со понизок процент на посетеност се црквата „Св. Никола“ во центарот на градот (46 отсто), Крушевското езеро (37 отсто), жичарата (33 отсто), планинските и шумските патеки (33 отсто) и скијачките патеки (25 отсто ).

Прва асоцијација за градот Крушево е Тоше Проевски (44 отсто), потоа Илинденско востание (13 отсто) и Мечкин Камен (11 отсто). Сите останати асоцијации (Крушевска Република, природа и чист воздух, Црешово топче, Македониум, Скијање и планинарење, Параглајдерство и Крушевско Езеро) имаат учество пониско од 10 отсто .

Дури 73 отсто од испитаниците се согласуваат дека Крушево има потенцијал да биде (нај)позната туристичка дестинација во Република Северна Македонија за алтернативен и еколошки туризам. Во врска со идната стратегија за остварување на целта Крушево да биде позната туристичка дестинација, домашните туристи и локалното население се согласуваат дека е потребна поголема реклама и промоција на градот, потоа поголем број културни, забавни и рекреативни содржини низ сите сезони и подобрување на инфраструктурата.

Истражувањето покажува дека 62 отсто од локалното население смета дека Крушево не е соодветно промовирано и јавноста не е запознаена со градот како туристичка дестинација. Исто така и 74 отсто од населението во државата (согласно националниот примерок) го делат истото размислување. За да се привлече вниманието за посета на Крушево, 87 отсто од испитаниците од локалното население сметаат дека потребна е подобра комуникација за планинскиот туризам, параглајдерството (80 отсто) и зимскиот туризам (72 отсто).

Анализата посочува дека највисок процент или 48 отсто од домашните туристи престојувале во приватен апартман/приватно сместување, додека 34 отсто во хотел. Само 18 отсто престојувале кај роднини/пријатели, додека 6 отсто во сопствено сместување. На еднодневна посета биле 10% од испитаниците.

Од оние испитаници кои не го посетиле, највисок процент или 68 отсто одговориле дека немале прилика да го посетат. Според 24 отсто одговорот е „без особена причина“ и според 22 отсто „не се наоѓа на попатна локација која што може да се посети при друго патување (да се застане по пат)“. Меѓу останатите причини се „немам информација кои активности/настани/случувања се достапни во Крушево“ со 15 отсто, со ист процент е и одговорот „секогаш сме избирале други места во Македонија“, „генерално, нема што да се види во Крушево (слаба понуда)“ со 10%, „не стигнала информација до мене дека Крушево е добра локација за посета и алтернативен туризам“ со 9% и „Градот не ги задоволува моите очекувања (тоа што мене ми треба)“ со 3%.

Сумирано, може да се заклучи дека покрај главните причини, дополнително за 30 отсто од испитаниците кои не го посетиле Крушево, причина претставува недоволната информираност, додека за 13 отсто причина е слабата и недоволна понуда. Истражувањето покажува дека високи 92 отсто од испитаниците (од националниот примерок) ќе го посетат Крушево доколку има посебна промоција и понуда.

По овој највисок балкански град (Крушево) кои го посетиле 85 отсто од испитаниците, следуваат Маврово со 69 отсто и Берово со 51 отсто посетеност од страна на домашните туристи. Сите останати локации вклучително Пелистер, Шар Планина, Преспански регион, Пониква, Лазарополе, Осоговски регион, Пехчево и Овче Поле се со пониска посетеност (под 50%). Како најчеста причина за посета на овие места се идентификува потребата за рекреација (74%) и/или класичен одмор (38 отсто). Останатите причини кои се вбројуваат, но имаат учество пониско од 30 отсто, се посета на пријатели/фамилија, посета на настан (случувања), гастрономски туризам, планинарење, работа (службено), скијање, етно туризам и непланирано поминување.