Приходите на данскиот бродски гигант драстично паднаа


 

Данската бродска компанија „Маерск“ (A.P. Moller-Maersk) денеска објави силен пад на приходите и добивката во првиот квартал со двоцифрен пад на цените на превозот кој го засени поголемиот обем на товари.

Од јануари до март, приходите на „Маерск“ се намалија за 13,1 отсто на 12,36 милијарди долари, што е одраз на остриот пад во одделот за превоз.

Заработката пред камати и даноци речиси се стопи, на само 177 милиони долари. Во истиот период лани таа изнесуваше 2,33 милијарди долари.

Побарувачката за контејнерски транспорт е зголемена во првиот квартал за седум до девет отсто, проценува данската компанија и нагласуваат силен раст во Северна Америка, Латинска Америка и Океанија.

Кина, пак, се истакна со раст на извозот од околу 16 отсто, велат тие.

Транспортните капацитети повторно силно пораснаа на почетокот на годината и на крајот на март беа номинално повисоки за 9,6 отсто во однос на истиот период лани. Уделот на неискористените капацитети падна истовремено на најниско ниво од првата половина на 2022 година, додаваат тие.

„Бранот на нови капацитети и намалениот удел на неискористени бродови го намалија притисокот на кризата во Црвеното Море/Аденскиот Залив врз превозниците, така што цените на товарот на физичкиот пазар, според Шангајскиот индекс на контејнеризирани товари (SCFI), постепено се се лизна од високите јануарски нивоа“, се вели во извештајот.

Во првите три месеци од годинава, тарифите на стоката биле во просек за 18 отсто пониски во однос на истиот период лани. Обемот на превезениот товар е зголемен за 7,5 отсто, покажува презентацијата на деловните резултати.

Светската економија и логистичкиот сектор покажаа отпор на кризата во Црвеното Море и Аденскиот Залив и во првиот квартал, а побарувачката за контејнерски транспорт годинава треба да порасне во опсег од 2,5 до 4,5 отсто, вели данската компанија.

Бидејќи моментално не им се гледа крајот на актуелните конфликти и трговски тензии, економската несигурност и заканата од климатските промени, растот би можел да биде послаб, предупредија тие.

Данската компанија проценува дека годинава би можела да работи со позитивна нула, но и да забележи основна загуба пред даноци и камати од две милијарди долари.