„Кроација ерлајнс“, „Ер Србија“ и „Монтенегро ерлајнс“ загубија 100 милиони евра
Преостанатите национални превозници од поранешна Југославија се очекува годинава да објават рекордни загуби заради пандемијата на коронавирус, а процената е до 100 милиони евра.
Повеќето авиокомпании исто така ја изгубиле заработката и во 2019 година. Сепак, владите во секоја од трите држави се обврзаа да дадат помош, пишува „Екс-Ју Авијација“.
„Ер Србија“ натрупа повеќе од 30 милиони евра загуба до крајот на мај кога продолжија комерцијалните летови, а српското Министерство за градежништво, транспорт и инфраструктура соопшти дека се надева дека ќе ги ублажи загубите во авио секторот во земјата, во кој спаѓаат националниот аеродром, аеродромите и давателите на услуги за воздушна пловидба до крајот на годината со 200 милиони евра, пренесеува СЕЕбиз.
Според министерството, земјата ќе обезбеди директна фискална поддршка зза „Ер Србија“ како главен начин за помош. Износот ќе зависи од конечниот финансиски пад поради Ковид-19, како и од износот потребен за зајакнување на улогата на „Ер Србија“ на Балканот.
„Кроација ерлајнс“ забележа нето загуба од 23,1 милиони евра во текот на првото полугодие, што е речиси двојно повеќе од загубата во првото полугодие од 2019 година. Во текот на првите шест месеци приходите се намалија за 52,4 проценти. Авиокомпанијата соопшти дека е премногу рано да се проценат финансиските последици, бидејќи пандемијата сè уште трае, но соопшти дека тие се големи. Компанијата побара од државата нешто повеќе од деведесет милиони евра за управување со кризата.
„Монтенегро ерлајнс“ исто така ги чувствува ефектите од пандемијата. Компанијата изгуби повеќе од петнаесет милиони евра приходи во текот на првото полугодие, додека вкупните загуби предизвикани од пандемијата Ковид-19 допрва треба да бидат проценети.
„Во моментов е невозможно да се проценат загубите на компанијата како резултат на коронавирусот, бидејќи пандемијата сеуште трае. Во секој случај, зборуваме за мултимилионска загуба. Наведено е дека во текот на првата половина од годинава приходите на ‘Монтенегро ерлајнс’ се намалени за 15.110.063 евра“, соопшти превозникот.
Кон крајот на минатиот месец црногорската влада инјектираше 10,4 милиони евра во својата авиокомпанија за да обезбеди ликвидност.