Кривична пријава за поранешната министерка Костадиновска-Стојчевска за Универзална сала


Фото: Б. Грданоски

Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за економски криминал и корупција во координација со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Сектор за криминалистички истраги, Единица за финансиски криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 став 4 во врска со став 1 од КЗ против Б.К.С. од Битола, како поранешен министер во Министерството за култура.

Имено, пријавената Б.К.С., во својство на службено лице – избран министер во Владата на РСМ за Министерството за култура, на 19.02.2024 ја злоупотребила својата службена положба и овластување со неизвршување на својата службена должност, на начин што по донесена Одлука од Советот на Град Скопје и Заклучок од Владата на РСМ за пренесување на правото за реконструкција, доградба и надградба на постојниот објект Универзална сала во Скопје, како и по склучен Договор за регулирање на меѓусебните права и обврски помеѓу Град Скопје како сопственик и Министерството за култура како нов инвеститор, и покрај тоа што министерството било задолжено да ги спроведе неопходните постапки за доделување на сите потребни договори за целосно и комплетно завршување на реконструкцијата на објектот, иако согласно одредбите на Законот за јавни набавки била должна да спроведе нова постапка за јавна набавка за избор на најповолен изведувач на работите за довршување на реконструкцијата на објектот, во име на Министерството за култура како наводен нарачател со правно лице од Скопје како изведувач, склучила Договор за преземање и отстапување на права и обврски од договор за јавна набавка на работи во вредност од 115.173.789 денари, согласно кој министерството наводно ги преземало истите права, обврски и вредност од претходно склучениот договор помеѓу Град Скопје и истото тоа правно лице, иако знаела и била свесна дека претходно склучениот Договор за јавна набавка помеѓу Град Скопје како договорен орган и правното лице како носител на набавката за реконструкција на објектот на 04.09.2023 година бил со истечен рок за изведба на работите, за што од страна на договорниот орган Град Скопје на Електронскиот систем за јавни набавки – ЕСЈН на 18.09.2023 година било прикачено и Известување за реализиран договор и предметот кај договорниот орган Град Скопје бил архивиран како завршен и како таков договорот не претставува правен валиден акт кој може да биде преземен, врз основа на кој нов договор по доставени две времени ситуации од страна на изведувачот за изведени работи, истата на правното лице му исплатила вкупен износ од 27.197.845 денари, со што му овозможила на правното лице од Скопје како изведувач на работите да се стекне со противправна имотна корист во наведениот износ.