Кривична пријава против директорот на АНБ за саботажа. Обвинителството за организиран криминал истражува
Бојан Христовски, директорот на тајната служба АНБ, е предмет на истрага на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ЈОГОКК) откако пшротив него била поднесена кривична пријава за саботажа, злоупотреба на службена положба, оддавање на службена тајна, лажно пријавување на кривично дело. Кривичната пријава е анонимна, но таа е прилично детална. Информацијата ја објавува „Инфомакс“, а од ЈОГОКК за порталот потврдиле дека на почетокот на октомври до обвинителството е пристигната таква кривична пријава. Предметот веќе бил распределен кај јавен обвинител и по него се се постапува.
Во кривичната пријава е наведено дека се поднесува не само против диркеторот Христовски, туку и против десетина други Н.Н. лица.
Во кривичната пријава, меѓу другото, се наведува:
„Првопријавениот Бојан Христовски во својство на одговорно лице на правното лице Агенција за национална безбедност на РСМ како самостоен орган на државната управа… свесно занемарувајќи ги и пречекорувајќи ги своите службени овластувања и обврски од член 12, став 1, алинеја 2,5 и 8 од законот за АНБ на РСМ, со кои бил должен да организира и обезбедува законито и ефикасно вршење на работите од надлежност на Агенцијата и да се грижи за заштита на податоците, средствата, методите и изворите на податоци на АНБ од неовластен пристап, организирал и овозможил подготвување на извршување на кривично дело ‘лажно пријавување на кривично дело’ кое знаел дека не е сторено и се гони по службена должност; преку овозможување на оддавање на службени тајни на неповикани лица и на јавноста во негови јавни изјави за кои знаел дека се невистинити и без демантирање на невистинити информации пренесени во медиумите, предизвикал и нанел непоправлива трајна штета на оперативното работење на Агенцијата за национална безбедност, на безбедносниот систем и свесно ги загрозил стратешките линии на работа од надлежност на Агенцијата, ја загрозил безбедноста и идентитетот на работниците, тајните извори и методи на податоци на трети лица во интерес на обезбедување на корист за други, со рушење на кредибилитетот и целите за постоење на Агенцијата за национална безбедност“.
Понатаму, се наведува дека Христовски „како резултат на кривичните дела што ги сторил поттикнал, помогнал, извршил наведување на претставници на извршната власт (Владата и членови) да го помогнат и продолжат извршувањето на кривичното дело саботажа на АНБ како самостоен орган“.
За останатите лица во кривичната пријава се наведува дека свесно прифатиле извршување на незаконити наредби од првопријавениот Христовски, во периодот од октомври 2024 година до јули 2025 година.
Според кривичната пријава Бојан Христовски „свесно и со умисла ги злоупотребил своите службени овластувања од законските и подзаконските акти и од второпријавените формирал група кој со извршување на незаконити наредби во внатрешната контрола на АНБ, им овозможил и дозволил за целите на лажно пријавување на кривично дело неовластено да дознаваат, да се запознаваат со податоци и информации од делокругот на работа на други оддели на Агенцијата во кои немале и немаат право да имаат увид и со помош на добиени сознанија за истите продолжиле да се извршуваат незаконити дејствија за цели кои не се во согласност со Законот за АНБ и други закони“.
Во кривичната пријава се наведува и дека директорот Христовски не ја извршил својата законска обврска да достави извештај за работата за 2024 година и тековната 2025 година до Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР во Собранието, ниту пак пријавил незаконско работење или пропусти и неправилности во работата на АНБ.
Исто така, се наведува дека Христовски го отстранил од работа единствениот вработен во организациската единица за внатрешна контрола, со што го оневозможил усполнувањето на минимум законско постапување. Дополнително, во образложението се наведува дека податоци им биле давани на неовластени лица, а во нив имало имиња на тајни соработници, работници на АНБ и трети лица кои согласно закон ниту можеле, ниту имале право да ги знаат.
Наводно, информации за работата на АНБ добивало и лице кое се наоѓа на црната листа на САД и директорот Бојан Христовски нему му ветил отстранување од листата на закани по националната безбедност на државата за одредена награда.
Согласно Кривичниот законик, за кривичното дело „саботажа“ предвидена е затворска казна од најмалку три години.