Криминалец и наркодилер со 10 кривични пријави бил сопругот на жената жртва од Карпош


Криминалец и наркодилер со 10 кривични пријави бил сопругот на жената жртва од Карпош

Два часа пред мајката и девојчето во скопски Карпош да го завршат животот со пад од тераса, полицијата била пред зградата и разговарала со жената, затоа што имало пријава за расправија меѓу сопружниците. 

На денешната прес-конференција, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски,  соопшти дека трагичниот настан во Карпош се случил по пад од балкон, при што животот го загубија жена и малолетно дете. Падот не можел да биде спречен од полицијата, затоа што жената на полицајците им рекла дека се работело за недоразбирање, по што си заминала во станот.

Пријавата за немилиот настан била примена од случаен минувач, а на улицата „Теодосиј Гологанов“ веднаш интервенирале полициски службеници од Полициската станица Карпош и екипа на Итната медицинска помош, при што била констатирана смрт кај жената и детето.

СВР Скопје извршило увид, а телата се предадени на обдукција. Од местото на настанот биле подигнати материјални траги и мобилен телефон.

Пријавена расправија

Тошковски истакна дека истиот ден претходно била пријавена расправија меѓу сопружниците, при што полицијата интервенирала и разговарала со жената. Таа изјавила дека немало физички контакт и дека се работело за недоразбирање, потпишувајќи службена белешка. По ова, жената се упатила кон станот каде подоцна се случил трагичниот исход.

По усна наредба, сопругот, Стојанче Јовановски, бил уапсен поради сомневање за сторено кривично дело. Според министерот, во изминатите две години против него биле поднесени десет кривични пријави за имотни деликти, насилен криминал и недозволена трговија со дрога. При една од постапките биле пронајдени 20 паковки со наркотична супстанција, по што бил уапсен и против него биле изречени мерки на претпазливост.

Во 2025 и 2026 година полицијата постапувала и по други пријави за нарушени брачни односи, но оштетената се повлекувала од поднесените пријави.

Тошковски уверува дека имаат снимки од тоа како насилникот ја тепа жртвата порано тој ден, дека ќе биде спроведен пред обвинителството и ќе биде задржан во полиција, а му следуваат пријави за „поттикнување и наведување на самоубиство“, како и уште други две дела.

Министерот нагласи дека сите околности детално се документираат. Тошковски објаснуваше и дека со најновите измени на Кривичниот законик, полициските службеници во вакви случаи може да постапуваат по службена должност и дека од 2024 година, кога биле пријавени 213 случаи на насилство, само еден завршил со притвор, додека во 2025 од 224 случаи, за 51 било постапено по брза постапка, а 17 завршиле со притвор. Годинава пак,  досега има евидентирано 28 случаи, за 12 е постапено по брза постапка, а пет завршиле со притвор. 

Сепак, тоа не беше доволно да се спасат животите на оваа млада мајка и нејзината ќерка.

Тошковски повика за менување на менталниот склоп не само на полициските службеници и социјалните работници, туку и на сите нас, за да пријавуваме кога сме сведоци на насилство. Едновремено,  сосетките на оваа последна жртва велат дека пријавувле, но од полицијата им било кажано дека може да постапат само ако жртвата постапи, а ако продлжат тие да пријавуваат, ќе им поднесат тужба за лажно пријавување.