Кремљ вели дека нема потреба да се истражува болеста на Навални
МОСКВА – Кремљ во вторникот рече дека нема потреба сега да се испитаат околностите што доведоа до болест на опозицискиот политичар Алексеј Навални и дека првичната дијагностика на труење на германската клиника сè уште не била конечна.
Германската канцеларка Ангела Меркел во понеделникот ја повика Русија да го истражи сомнителното труење на Навални и да ги изведе сторителите на одговорност откако германските лекари откриле индикации за токсична супстанција во неговото тело.
Но, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека германската клиника не ја утврдила конечно супстанцијата која стои зад заболувањето на Навални. Тој додаде дека не е јасно зошто германските лекари „брзале“ да го употребуваат зборот труење.
Тој рече дека ако труењето дефинитивно се утврди како причина, тогаш ќе биде покрената истрага.
„Ако се утврди супстанцијата и ако се утврди дека е труење, тогаш, секако, ова ќе биде причина за истрага“, рече тој пред новинарите.
Германските лекари кои го лекуваат Навални во берлинската болница во понеделникот соопштија дека медицинските прегледи индицираат труење со некој вид инхибитор на холинестераза, иако специфичната супстанција сè уште не е позната.
Руските здравствени власти се спротивставија на оваа дијагноза, велејќи дека Навални бил тестиран негативно за инхибиторите на холинестераза кога бил хоспитализиран во Омск минатата недела.
Песков рече дека лекарите во болницата во Омск три дена се бореле нда го лечат Навални и веројатно му го спасиле животот. (Ројтерс)