Кремљ не сака болеста на Навални да ги наруши односите со Западот


МОСКВА – Кремљ во средата изјави дека се надева оти болеста на опозицискиот политичар Алексеј Навални нема да им наштети на врските на Русија со Западот и дека сака да открие зошто се разболе и покрај тоа што одби да отвори истрага за инцидентот.

Навални е во медицински предизвикана кома во берлинска болница, каде во саботата беше пренесен со авион. Германската клиника соопшти дека првичниот медицински преглед укажува на труење, иако руските лекари кои лекувале Навални во сибирската болница се спротивставија на оваа дијагноза.

Германија, Соединетите Држави и другите земји ја повикаа Русија да ги испита околностите што доведоа до заболување на Навални, но портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за новинарите дека досегашната дијагноза е неубедлива.

Одговарајќи на прашање за можното влошување на односите меѓу Москва и Западот, Песков рече: „Секако не би сакале ова (да се случи), тоа е првото нешто. Второ, нема причина за тоа“.

Претседателот Владимир Путин доцна во средата оствари телефонски разговор со италијанскиот премиер Џузепе Конте разговараа за здравјето на Навални.

„Руската страна ја истакна неприфатливоста на избрзани и неосновани обвиненија во овој поглед“, рече Кремљ во изјавата за разговорот. Во неа се вели дека Москва сака да излезат на виделина околностите околу состојбата на Навални.

Коментарите на Песков и телефонскиот повик на Путин доаѓаат еден ден откако спикерот на долниот дом на парламентот на Русија рече дека комисија ќе покрене истрага за да утврди дали странски сили играле улога во болеста на Навални со цел да ги разгорат тензиите во Русија.

Запрашан за теоријата на парламентарниот спикер за странски сили, Песков рече дека ако се потврди труењето и се утврди супстанцијата дефинитивно, „тогаш ќе има причина да се разгледа кој има корист од тоа“.

„Ние не сме помалку заинтересирани од некој друг да знаеме што доведе да падне во кома“, додаде тој.

Претходно, висок сојузник на Навални изјави дека верува оти само Путин можел да го одобри сомнителното труење на остриот критичар во Кремљ. Иван Жданов, директор на Фондацијата за борба против корупцијата на Навални, не достави докази за ова тврдење.

Кремљ го отфрли ваквото тврдење како невистина.

Инхибитори на холинестераза, именувани од германски лекари како можна причина за заболување од Навални, се хемиски соединенија што се користат во одредени лекови. Нервните гасови и „Новичок“ – супстанција што се искористи во 2018 година за труење на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал во Англија – се исто така инхибитори на холинестераза. (Ројтерс)