Кремљ ги запре сите референдуми за анектирање нови територии од Украина

Успешната контраофанзива на Киев во областа на Харков ги измести сите планови на Кремљ. Путин бил нетрпелив за да се одржат референдуми


 

Според два извори блиски до Кремљ, руските власти на неодредено време ги одложиле референдумите за „приклучување кон Русија“ со самопрогласените ЛПР и ДПР, како и окупираните територии на украинските региони Запорожје, Харков и Херсон (во секоја од нив руските власти претходно ја формираа таканаречената воено-цивилна администрација), пишува независниот руски медиум „Медуза“.

Соговорниците на „Медуза“ објаснуваат дека единствената причина за оваа одлука е успешната контраофанзива на украинските трупи во насока Харков. Изворите нагласиле дека политичките технолози поврзани со Кремљ, кои работеле во регионите Харков и Запорожје, веќе се отповикани во Русија: „******* [набрзина напуштија] сите. Добија наредби да си одат дома“. Во Херсонската област сè уште престојуваат руски политички технолози кои го подготвуваа референдумот.

На почетокот на септември, секретарот на Генералниот совет на Обединета Русија и прв потпретседател на Советот на Федерацијата Андреј Турчак објави дека би било „коректно и симболично“ да се одржат референдуми на 4 ноември, Денот на националното единство. Претставниците на окупаторските „воено-цивилни администрации“ на териториите контролирани од Русија ја поддржаа оваа идеја.

4 ноември беше првиот конкретен датум за референдум кој беше отворено именуван од руски претставници од толку висок ранг. Во исто време, според „Медуза“, на самиот почеток на војната, Кремљ бил уверен дека ќе можат да анектираат нови територии веќе во април. Потоа, поради неуспеси на фронтот, рокот беше поместен за мај, а потоа до 11 септември – на овој ден се одржуваат регионални избори во Русија.

Но, исто така не беше можно да се одржат во септември. Како резултат на тоа, според извори на „Медуза“, под притисок на Владимир Путин, кој е „нетрпелив“ да „анектира“ нови територии, претседателската администрација го одредила „конечниот“ датум – 4 ноември.

Според еден од соговорниците, на украинските територии требаше официјално да го објават почетокот на подготовките за ноемврискиот референдум. Сега сите овие планови се „ставени во мирување“, „Ноември повеќе не е во прашање“.

Соговорниците на „Медуза“ блиски до Кремљ истакнаа дека руските власти не знаат кога ќе можат да се вратат на разговори за конкретни датуми за можно гласање, тоа зависи од тоа како ќе се развива контраофанзивата на Украина.