Кремљ е „многу загрижен“ од нападот на руски диверзанти на Русија

Легијата „Слобода на Русија“ во вторникот тврдеше дека двете групи сè уште оперираат во областа Белгород и имаат за цел да го „ослободат“ регионот


Чад се крева во Белгород по нападот на руските диверзанти

 

Руските трупи и безбедносните сили во вторникот го сузбија наводниот прекуграничен напад од Украина, тврдејќи дека убиле повеќе од 70 напаѓачи во битка што траела околу 24 часа, изјави висок официјален претставник на Москва.

Не беше можно самостојно да се потврдат тврдењата за вооружениот упад на руска територија што започна во понеделникот. Ниту, пак, беше можно со сигурност да се каже кој стои зад нападот или кои се неговите цели.

Дезинформациите беа едно од оружјата на речиси 15-месечната војна.

Москва за нападот ги обвини украинските воени саботери. Киев го прикажа инцидентот како востание против Кремљ од страна на руските партизани. Не беше можно веднаш да се проверат двете верзии.

Битката се случила во регионот Белгород, околу 80 километри северно од градот Харков, во источна Украина.

Портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков тврди дека вооружените напаѓачи биле разбиени од единици на локалната војска, воздушни напади и артилериски оган.

„Остатоците од националистите беа протерани назад на територијата на Украина, каде што беа гаѓани додека не беа целосно елиминирани“, рече Конашенков, без да обезбеди докази. Тој не спомна руски жртви.

Но „Комерсант“ напиша дека двајца руски војници загинаа, а уште четворица се повредени како резултат на напад на вооружената група, повикувајќи се на податоци на Истражниот комитет, ФСБ и Министерството за Внатрешни работи.

Вјачеслав Гладков, гувернер на Белгородската област на границата со Украина, рече дека силите продолжиле да ја чистат руралната област околу градот Граиворон, каде што се случи наводниот напад во понеделникот. Во нападот беа ранети 12 цивили, рече тој, а една постара жена почина за време на евакуацијата.

Гладков ги повика жителите на областа кои се евакуирани да останат на место и сè уште да не се враќаат во своите домови. „Ќе ве известиме веднаш… кога ќе биде безбедно“, рече Гладков. „Безбедносните агенции ги спроведуваат сите потребни дејствија. Чекаме да заврши антитерористичката операција“.

Невозможно беше самостојно да се потврди кој стои зад нападот или кои се неговите цели. Дезинформациите се едно од оружјата на речиси 15-месечната војна.

Иако не е прв пат Русија да тврди дека има упад на украински диверзанти, тоа е прв пат операцијата за спротивставување на нападот да продолжи втор ден, нагласувајќи ги борбите со кои се соочува Москва во време на нејзината заглавена инвазија на Украина и посрамотување на Кремљ. Руската територија и областите во Украина окупирани од Русија, исто така, беа погодени од беспилотни летала и експлозии кои излетаа возови од шините, иако властите во Киев ги отфрлаат обвинувањата за нивно организирање.

Проруските социјални медиуми објавија дека зградите во кои се сместени Министерството за внатрешни работи и службата ФСБ биле нападнати во Белгород.

„Според нашите извори, цел на нападот во Белгород биле одделенијата на Министерството за внатрешни работи и ФСБ“, објави каналот на Телеграм поврзан со Кремљ, додавајќи дека сѐ уште не е познат ефектот од нападот.

Украина соопшти дека зад нападот стојат руски државјани кои припаѓаат на опскурните групи кои себеси се нарекуваат Руски доброволечки корпус и Легијата „Слобода на Русија“.

Зад нападот стојат руски дисиденти незадоволни од политиката на рускиот претседател Владимир Путин, изјави во вторникот заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Малијар.

„Тоа се руски патриоти, како што ние разбираме. Луѓе кои, всушност, се побунија против режимот на Путин“, рече таа.

Главната управа за разузнавање на украинската армија објави снимка од Легијата „Слобода на Русија“ и Рускиот доброволечки кои се подготвуваат за нивната операција во регионот Белгород. Како што се гледа на снимката, тие се чини дека примарно користеле американска опрема.

Легијата „Слобода на Русија“ во својот канал „Телеграм“ во вторникот тврдеше дека двете групи сè уште оперираат во областа Белгород и имаат за цел да го „ослободат“ регионот.

Лидерот на Легијата „Слобода за Русија“, познат како „Цезар“, изјави дека жителите на Белгород побарале од Легијата да спроведе мировна операција во регионот.

„Знаеме дека руската армија нема најпрофесионални вооружени сили. Иако се мислеше дека ја имаат втората по големина војска во светот, одамна дознавме дека ова е само блеф. Дури ни се обратија и луѓе од Белгород со барање да спроведеме мировна операција на тој простор. Се разбира, преку глава им е од постојаното бомбардирање. Ни напишаа писмо со тоа барање, рече таканаречениот „Цезар“, а тој одговори и на прашањето што подразбира „мировна операција“.

„Ова е демилитаризација на Белгород. Луѓето се уморни од војна и сакаат мир“.

Официјални претставници на Белгород претходно оваа година изјавија дека потрошиле речиси 10 милијарди рубљи (125 милиони американски долари) на утврдувања за да го заштитат регионот од упад среде војната.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека рацијата „побудува длабока загриженост“ и дека е потребен „поголем напор“ за да се спречат такви напади во иднина.

Песков одби да каже колку напаѓачи биле вклучени, ниту пак би коментирал зошто толку долго траат напорите за совладување на напаѓачите. Во конференцискиот повик со новинарите во вторникот, тој ги пренасочи тие прашања до Министерството за одбрана на Русија и Федералната служба за безбедност или ФСБ.

Министерството за одбрана на Велика Британија соопшти дека руските безбедносни сили „многу веројатно“ се борат против партизаните на најмалку три локации во Белгород.

„Русија се соочува со се повеќе сериозна закана за безбедност од повеќе домени во нејзините погранични региони, со загуби на борбени авиони, напади со импровизирани експлозивни направи на железничките линии и сега директна партизанска акција“, се вели во твит во вторникот.

Рускиот Истражен комитет, највисоката агенција за спроведување на законот во земјата, објави истрага за наводен тероризам и обид за убиство во врска со инцидентот.

Покрај наводниот упад, Гладков во понеделникот вечерта пријавил и повеќекратни напади со беспилотни летала врз Граиворон и други населени места во регионот на Белгород. Нападите немаа жртви, но оштетија згради и предизвикаа пожар. Во вторникот наутро, уште два беспилотни летала беа соборени од системите за воздушна одбрана на регионот.

Гладков првпат пријави во понеделникот попладне дека диверзантска група на Украинските вооружени сили влегла во Граиворон, град на околу пет километри од границата со Украина. Градот исто така беше под удар на украинската артилерија, рече тој.

Тој подоцна најави контратерористичка операција во областа и рече дека властите воведуваат посебни контроли, вклучително и проверки на лични документи и ја запираат работата на компаниите кои користат „експлозиви, радиоактивни, хемиски и биолошки опасни материи“.

Рускиот доброволечки корпус тврдеше дека ја нарушил границата на почетокот на март. Групата во сенка се опишува себеси како „доброволна формација која се бори на страната на Украина“. Малку се знае за групата и не е јасно дали има некакви врски со украинската војска. Истото важи и за Легијата „Слобода на Русија“.

Регионот Белгород во југозападна Русија, исто како и неговата соседна област Брјанск и неколку други области, беше сведок на спорадично прелевање од војната, при што нејзините погранични градови и села редовно беа под гранатирање и напади со беспилотни летала.

На друго место, украинските сили постигнаа мал напредок против руските сили на работ на Бахмут, за кој Москва тврди дека го освоил, според Малијар.

Таа во вторникот рече дека украинските војници сè уште го контролираат југозападното предградие на градот и дека борбите продолжуваат во предградијата, на крилата на Русија.

Украинските воени лидери велат дека борбата во Бахмут не е завршена. (Според агенциите)