Ковид позитивен пациент најден починат на улица

На улица во Штип бил пронајден мртов маж кој претходно бил сместен во модуларната болница каде се лекувал од Ковид-19.
Имено, ноќеска по полноќ, во СВР Штип било пријавено дека на ул.„Мирче Ацев“ во Штип бил пронајден починат Д.Н.(75) од Пробиштип. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по преземени мерки било утврдено дека починатиот бил хоспитализиран во Модуларната болница во Штип како ковид-19 позитивен пациент. Се работи на расчистување на околностите под кои ја напуштил болницата.
Увид извршила екипа од СВР Штип, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било предадено на обдукција.