Ковид-19 втурна 25 илјади лица во релативна и уште 100 илјади во апсолутна сиромаштија


Како последица на пандемијата со корона вирусот, односно губењето на работните места или намалувањето на платите 25 илјади лица во нашата земја се втурнати во релативна сиромаштија, а нови 100 илјади граѓани ќе живеат со помалку од 125 денари на ден, односно ќе западнат во апсолутна сиромаштија, покажуваат резултатите од истражувањето што го направи институтот „Фајнанс тинк“ што денес беше презентирано на брифинг со новинарите. Сепак, мерките на Владата до сега извлекле од екстремна сиромаштија 15.000 илјади лица.

„Олеснетите услови за добивање гарантирана минимална помош како мерка за социјална заштита од државата, придонесе од екстремна сиромаштија да бидат извлечени околу 15 илјади лица. Оваа мерка што беше донесена во април годинава, се уште не е до крај искористена, па проценките се дека има капацитет од екстремна сиромаштија да извлече уште 9.000 лица, или вкупно 24 илјади граѓани“, беше посочено на брифингот.

Во категоријата на екстремна сиромаштија влегуваат лица кои заработуваат најмногу 1,9 долари дневно или околу 44 денари според паритетот на куповната моќ, појаснуваат од „Фајнанс тинк“.

На брифингот за новинарите насловен „Колку Ковид-19 влијае врз сиромаштијата во Северна Македонија?“ беа детално претставени резултатите од истражувањето, што го спроведе овој Институт за економско истражување и политики.

„Кризата предизвикана од Ковид-19 силно ги погоди нискодоходовните групи граѓани кои најчесто работат на нископлатени работни места или се дел од неформалната економија, примаат социјални трансфери или дознаки од странство. Нашата анализа покажа дека заради пандемијата, стапката на релативна сиромаштија во земјава ќе се зголеми за 1,2 процентни поени, што значи дека нови 25 илјади лица се втурнати во сиромаштија за време на Ковид кризата. Резултатите за апсолутната сиромаштија се позагрижувачки и укажуваат дека заради кризата, нови 100 илјади лица ќе живеат со помалку од 5,5 долари или 125 денари (според паритет на куповна сила)“, истакна Деспина Туманоска, која го спроведе истражувањето.

Владините мерки, како што беше нагласено, влијае позитивн во намаалување на екстремната сиромаштија.

„Една од Владините мерки насочени кон зачувување на животниот стандард на најранливото население беше олеснување на критериумите за стекнување гарантирана минимална помош, што според истражувањето има потенцијал да извлече 24 илјади лица од екстремна сиромаштија што се дефинира како живот со помалку од 1,9 долари (44 денари) на ден. До јули годинава, потенцијалот е искористен само 65 отсто, што значи дека уште 9 илјади лица имаат можност да влезат во системот на ГМА и да излезат од екстремна сиромаштија“, се вели во истражувањето.

За таа цел, како што нагласи Благица Петрески, потребен е понатамошен напор од Владата за соодветно информирање на населението за новите критериуми за стекнување право на оваа помош.

„Дополнително, им предлагаме на носителите на политики, олеснетите услови за стекнување гарантирана минимална помош да продолжат да важат и во 2021 година, и да се воведе времен додаток на гарантираната минимална помош и времено дополнително олеснување на доходниот услов, со цел да се опфатат, покрај најсиромашните, и дел од ранливите слоеви од населението“, истакна Петрески на брифингот со новинарите. (М.Ј.)