Ковачевски зборува за повисоки плати, ВМРО-ДПМНЕ за повеќе сиромаштија


Премиерот Димитар Ковачевски, на вечерашната трибина „Повеќе за сите“ во Штип, ја посочи и поддршката за повисоки плати и за развој на компаниите.

„За работниците во приватниот сектор обезбедивме поддршка за поголеми плати, со што, отвораме можност за покачување на платите од 3.000 до 9.000 денари. Работодавачот ќе плаќа само персонален данок, а има целосно ослободување од придонесите за пензиско и здравствено осигурување за делот на зголемувањето на платата“, рече Ковачевски.

„Преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, од неговото воведување до денес поддршка имаат 919 компании со 100 милиони евра. Изминативе 6 години финансиската поддршка од државата кон домашните компании ја зголемивме за 11 пати“, соопшти Ковачевски.

Претседателот на СДСМ и премиер, Ковачевски, направи споредба и на инвестициската клима во државата денес, кога државата ги реализира евроатлантските интеграции, наспроти периодот на меѓународна изолација, до 2016 година.

„Во 2016 година странските директни инвестиции изнесуваа 338 милиони евра. Во 2022, година после светската здравствена криза во ек на глобална економска и енергетска криза, изнесуваа речиси 754 милиони евра. Двојно повеќе од тоа што биле во 2016 година! Инвестициите во ТИРЗ во 2016 изнесувале кумулативно 600 милиони евра, додека во 2023 заклучно со она што денес е постигнато, кумулативно изнесуваат 2 милијарди евра“, рече Ковачевски на трибината во Штип.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак реагираа дека треба да се провери дали Ковачевски пред настапот на трибината бил на вински саем.

-Зошто ако не бил, немаше да кажува глупоости дека откако тој е премиер платата скокнала на чудесни 630 евра, на портите сме пред рајот и дека новото нормално е блаженството, кое секој сака да го достигне со СДС.

„Единствено со што Ковачевски порасна, покрај криминалот е инфлацијата, цените на производите и сиромаштијата.Во Македонија до крајот на оваа 2023-та година веќе ќе има 600 илјади граѓани, кои ќе живеат во сиромаштија, со 150 денари на ден, што е секој трет човек во државата, а таа бројка пред само неколку години била 360 илјади граѓани“, порачаа од опозицијата.