Ковачевски задоволен што не сме веќе „хибриден режим“


Фото: Б. Грданоски

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изрази задоволство што Македонија излегла од групата „хибридни режими“ во рангирањето Индекс на демократијата на британскиот магазин „Економист“ и влезе во зоната на функционални демократии како „демократија со недостатоци“. македонија прв пат влезе во групата „хибридни режими“ во 2016 година.

„Не така одамна бевме сведоци колку е опасно кога демократски назадуваме. Заради претходната власт и автократското владеење бевме рангирани како хибриден режим. Остануваме посветени на унапредување на правата на граѓаните и медиумите градејќи слободно општество“, нагласува премиерот Ковачевски во пишаната изјава што ја пренесува владината прес-служба.

Индексот на демократијата на Северна Македонија според „Економист“ е подобрен за пет места што е голем успех во време кога демократијата назадува во светски рамки. Во споредба со 2020 година кога беше рангирана на 78. место од 167 земји за 2021 година земјава бележи скок од пет места и сега е рангирана на 73. место.

Според критериумите по кои се врши рангирањето, Северна Македонија во четири од вкупно пет категории има оценки над просечната од 6.03. Најдобра е во делот на изборен процес и плуразлизам – 7.42, во кои има континуиран напредок, наведува Ковачевски во пишаната изјава.