Ковачевски за дијалогот со синдикатите: Работите се движат во насока на постигнување договор за платите


Работите се движат во насока на постигнување договор. Верувам дека целта може да биде постигната и да добиеме едно долгорочно решение со кое од септември па во текот на наредните години ќе се обезбеди зголемување на платите, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Смета дека има капацитет и Владата, и синдикатот, да изнајдат такво решение од заемен интерес на сите заинтересирани страни.

-Тука, пред сѐ, се мисли на јавниот сектор и тоа да биде исто така поврзано и со зголемување на продуктивноста и со зголемување на ефикасноста во работењето, рече премиерот, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на социјална станбена зграда во Свети Николе.

Во разговорите за Општиот колективен договор, како што рече, има позитивна атмосфера според тоа што го кажувале министрите кои се дел од Економско-социјалниот совет, но и според претставниците на синдикатите кои даваат јавни изјави.

Нагласи дека сите одлуки ќе бидат носени низ дијалог како што Владата практикувала и досега.

-Низ разговор на Економски социјален совет успеавме да обезбедиме нова методологија за покачување на пензиите и затоа оваа година, со покачувањето во септември, ќе имаме историски најголемо покачување на пензиите од 25 проценти. Успеавме со синдикатите на ист таков начин низ дијалог да договориме нов Закон за минимална плата, со што денес имаме највисока минимална плата во историјата на државата, рече Ковачевски.

Подобар факт и доказ, рече тој, дека не постои подобро и поправилно законско решение од она што е донесено за минималната плата е тоа што до 2015-2016 година биле потребни четири и пол минимални плати за една потрошувачка кошничка, а денес, рече, се потребни 2,1 минимална плата за една потрошувачка кошничка.