Ковачевски: Во преговарачката рамка нема други услови освен уставните измени

Имаме јасна преговарачка рамка, не е кажано дека има нови услови покрај уставните измени, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски, коментирајќи ја изјавата на бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Марија Габриел дека услов за продолжување на европскиот пат на државава не се само уставните измени, туку и почитување на Договорот за пријателство и добрососедство и двата протокола.
„Таа не кажа дека има нови услови. Ние имаме многу јасна преговарачка рамка. Таа рамка има обврски за Европската унија и за Македонија. Ние, во Брисел, на последниот самит на Западен Балкан со ЕУ и на последниот Европски совет, имавме најјасен заклучок досега од добивањето на кандидатскиот статус со ЕУ. Во параграфот стоеше, Република Северна Македонија успешно го заврши скрининг процесот“, изјави денеска премиерот.
Останува, нагласи тој, државата да ја исполни својата обврска за спроведување на амандманите на Уставот и веднаш без одлагање да биде закажана втората меѓувладина конференција.
„Благодарение на тоа што истите политички партии што го блокираа влегувањето во НАТО и го блокираат почнувањето преговори со ЕУ речиси две децении, не поддржаа одлука за европска интеграција на државата, ние имавме празен гол, пенал, и заради тоа Република Северна Македонија воопшто не шутираше, во фудбалски жаргон. Сметам дека таков чист параграф во однос на заклучоците на ЕУ Македонија досега никогаш немала, подвлече тој.
Според него, другите односи што ние го имаме со Бугарија се однесуваат на договорот за добрососедство и тие се на билатерално ниво за кое што постојат и меѓуресорски комисии и експертски комисии што работат.
Бугарската вицепремиерка Габриел вчера изјави дека Бугарија нема билатерален проблем со Северна Македонија во однос на интергацијата во ЕУ и оти услов за продолжување на европскиот пат на Скопје не се само уставните измени туку и почитување на Договорот за пријателство и добрососедство и двата протокола.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска од Свети Николе изјави дека „Марија Габриел им ја плесна вистината во очи, тоа е вистината за која што јас и ВМРО-ДПМНЕ ја зборуваме година и половина. На јавна сцена се виде дека Маричиќ, Зечевиќ, Ковачевски, Ахмети, Османи, Груби го лажат народот во Македонија дека ова е последната пречка, не е последната“.
Тој го спомна одењето на кафе надвор од салата на Виктор Орбан кога европските лидери одлучуваа за препораката за Украина: „Видовме дека можело да се носат одлуки доколку имаме разумни лидери во рамките на ЕУ. Очекувам разум и дека наскоро ќе биде отстрането ова вето и дека Македонија наскоро ќе ги почне преговорите она кое што и припаѓа многу одамна“.