Ковачевски: Трета лага на Мицкоски

„Мицкоски лаже, нема никакви притисоци врз пратеници“ – на овој начин одговори премиерот Ковачевски на обвинувањата дека структури на СДСМ и ДУИ вршеле притисок врз пратеници во Собранието за да нема предвремени парламентарни избори.
„Најлошо е кога човек, лага сака да покрие со друга лага, а ова му е трета лага на господинот Мицкоски. Пред една година шеташе по Собранието на државата, велејќи дека има 61 пратеник за да ја сруши Владата, па потоа го видовме вечерта на Клиника. Потоа пред Нова година кажа дека има 61 пратеник за да ја сруши Владата“, вели Димитар Ковачевски.
Ковачевски вели, не разбира што се тоа полукриминални структури.
„Полукриминални, јас не знам каков му е тој израз, бидејќи има или криминални или чесни структури“, додава Ковачевски.
Вели дека членовите на СДСМ се чесни и нивниот глас е слободен, додавајќи дека ниту еден лидер на оваа партија не барал да потпишуваат меници или изјави заверени на нотар, како што тоа го барал Мицкоски и неговите претходници за да ги држи во заложништво.
Вчера, за време на Богојавление Водици во Охрид, одговарајќи на новинарско прашање дали остануваат на барањето за предвремени паралементарни избори, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека полукриминални структури на СДСМ и ДУИ вршеле притисоци врз пратеници да не бараат распуштање на Собранието, а со цел распишување на предвремени избори.