Ковачевски се сретна со О’Брајан, новиот функционер на САД задолжен за регионот

Премиерот Димитар Ковачевски, во рамките на работната посета на Париз, се сретна со помошникот-државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан.
Ова е прва средба на премиерот со новоименуваниот помошник-државен секретар, кој стапи на должност минатиот месец. На средбата, Ковачевски и О’Брајан го реафирмираа значењето на цврстото стратешко партнерство помеѓу Северна Македонија и САД. Покрај билатералните односи, на средбата се разговараше и за други актуелни теми за регионот и пошироко.
Била потврдена важноста на Македонија како фактор на стабилност и безбедност во регионот, и споделена неопходноста за непречено продолжување на патот на нејзиното европско интегрирање, што е во интерес и на САД.
О’Брајан го реафирмира ставот дека САД ги гледаат како природни партнери оние кои се посветени на европската интеграција, НАТО и зајакнувањето на демократијата. Го поздрави досега постигнатиот напредок на земјата во повеќе области и изрази очекување земјата да продолжи на патот на прогресот.
Средбата со Ковачевски е една од неколкуте кои О4Брајан ќе ги има со лидерите од регионот кои се во Париз. Предвидено е тој да се сретне со албанскиот премиер Еди Рама, премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ. Ќе разговара и со француски официјални лица, а потоа ќе замине во Брисел на средби со функционери на ЕУ и НАТО.