Ковачевски предлага да се раскине договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид
Премиерот најави дека ќе побара ревизија на проектот кој требаше да биде завршен до крајот на годинава
Премиерот Димитар Ковачевски денеска од Охрид порача дека ќе побара ревизија на договорот за изградба на автопатот од Кичево до Охрид. И нагласи дека треба да се размислува и за раскинување на договорот затоа што и по 10 години не е пуштен во употреба ниту еден километар од автопатот.
„Сметам дека е недозволиво еден автопат од 40 километри да се гради над десет години и сѐ уште да не биде направен, притоа да се бара повторно продолжување што треба да оди пред пратениците. Од таа причина ќе побарам ревизија на овој проект, и со оглед на тоа што проектот од низа на причини не е завршен десет години, сметам дека треба да се размислува и во насока на раскинување на договорот и барање изведувач што ќе го изгради на квалитетен начин, а не да гледаме десет години да се прави пат, да се инвестираат пари, а да нема досега пуштен ниту еден метар од автопатот“, рече Ковачевски.
Тој потсети дека проектот се гради согласно договор изгласан во Собранието, тој практично станува закон, а секоја промена односно анекс повторно се одобрува од пратениците.
„Недозволиво после десет години пратениците повторно да разгледуваат продолжување на нешто што требало да се заврши пред многу години, и оттаму е потребна ревизија врз основа на која ќе се предложат решенија кои е значат кончено завршување на овој автопат…Треба да се направи ревизија и врз основа на неа да се донесе одлука. Една од опциите е секако и раскинување на договорот“, истакна премиерот Ковачевски, притоа најавувајќи и можна специјализирана ревизија на проектот и сите пропусти.
Претходно од говорницата на Првата конференција за патна инфраструктура што се одржува во Охрид, сериозни забелешки и критики за динамиката по која се гради автоипатот Охрид – Кичево изнесе првиот вицепремиер Артан Груби.
„Изградбата започна во 2013 започна со 400 милиони евра, денеска е 600 милиони евра и нема еден метар асфалт пуштен во употреба. Истекува рокот на крај на годината и сметам дека е крајно време и Владата и Собранието да го разгледа тој договор, па ако треба и нека се прекине и нека се даде на друг затоа што ова е веќе скандалозозно и неприфатливо. Треба да се почне кривична постапка за погрешно проектирање. Единаесет нови свлечишта на Кичево – Охрид, Тоа е апсолутно неорифатливо. Колку само сообраќајки имаме на овој пат. Ова е апсолутно неприфатливо и не знам како ќе гласаат пратениците на крај на декември по однос на продолжувањето на тој договор затоа што е скандалозен… Ни помина животот чекајќи да се завршат проектите“, рече Груби.
Автопатската делница Охрид – Кичево е дел од Коридорот 8, со вкупна должина од 57 километри, проект чија цена од првично предвидените 374 милиони достигна 598 милиони евра. Изградбата на автопатот почна во февруари 2014 година и после неколкуте анекси и продолжувања на роковите требаше да биде целосно завршен до крајот на оваа година.