Ковачевски: Поранешен министер, што сега е многу гласен за М-НАВ, си ја вработи и бебиситерката


Ако се отвори темата за вработувања на роднини и министри во М-НАВ, треба да се провери и во Академијата на судии кој се станува судија и обвинител, како и во министерствата, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето на договорот за изградба на Ресурсен центар за повратници и други ранливи категории на граѓани.

-Јас имав принципиелен став во однос на М-НАВ и гледам дека министрите што имале некого вработено во М-НАВ веќе си даваат свои ставови. Јас не можам да бидам портпарол на семејства на други луѓе, ниту сум претендирал да бидам тоа. Оваа тема, ако се отвори, тогаш ќе треба да проверите и во Академијата на судии кој се станува судија и обвинител, како и да проверите по министерствата. Таму на времето имаше еден поранешен министер, кој сега е многу гласен, кој дури и бебисистерката си ја вработи во Министерство за надворешни работи. Така што тоа е една карактеристика на општество во транзиција. Такви се сите општества во транзиција, изјави Ковачевски.

Според Ковачевски, доаѓа време кога професионализмот ќе биде клучен при вработувањата.

Дел од медиумите излегоа со информација дека во М-НАВ се вработени  роднини на вицепремиерот за политички систем и односи меѓу заедниците, како и на министрите за надворешни работи и за земјоделство, а наедно и на Беким Незири, сега осомничен за упадот во Контролата на летање.