Ковачевски планира да ја предложи Владата околу 10-11 јануари


Претседателот на СДСМ и мандатар Димитар Ковачевски планира Владата да ја предложи околу 10-11 јануари идната година, односно во пократок рок од уставно предвидениот.

Во интервју за Канал 5 вечерва Ковачевски додаде дека принципот на одговорност ќе биде одлика на управувањето.

– Технократскиот начин на управување обично се поврзува со цврста рака на владеење, меѓутоа за мене тоа значи еден мерит систем на раководење, каде што секој којшто извршува одредена јавна функција, треба одговорно и чесно да ги извршува своите задачи, согласно со зададените цели. Секој, низ личен пример, да работи во интерес на граѓаните и да одговара при непостапување, рече Ковачевски.

Тој додаде дека од работата на новата Влада може да се очекува силна посветеност на економските реформи во државата, силна посветеност на справувањето со најгорливите прашања, а тоа се предизвиците од енергетската глобална криза, корупцијата, владеењето на правото, како и  продолжување на патот за влез во ЕУ. 

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во интервју за Канал 5 порача дека важи за помалку попустлив човек, кој што бара одговорност и во однос на  соработниците, се држи до принципот на извршување на задачите.
 
Она што е клучно е да бидат поставени луѓе коишто се одговорни и чесни и кои низ личен пример ќе покажат на кој начин треба да функционира еден политичар, во кој што треба да се врати довербата на граѓаните, истакна Ковачевски.
 
Тој додаде дека одговорност на луѓето во нивното работење ја дели на два аспекти, и тоа правна одговорност, да се придржуваат на сите законски одредби во нивното работење, а вториот е одговорноста за извршување, односно да ги извршуваат своите задачите согласно зададените рокови, очекувањата и ветувањата коишто се дадени.
 
Тоа ќе бидат клучните принципи за изборот на луѓето и јас верувам дека секој политичар треба да се однесува согласно тие принципи, порача претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во интервју за Канал 5.