Ковачевски очекува ЕСМ да почне со поставување на топловодните цевки под мостот „Беласица“
Доколку не бидат поставени топловодните цевки на мостот „Беласица“, цената на парното греење, како што кажа претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, ќе доживее цунами, затоа што топинската енергија што се добива од централата ТЕ-ТО е неколкукратно поевтина во однос на она што би се добивало од другите топлани кои работат на другите енергенси, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Ковачевски посочи дека активно се работи и дека не би требало да се доцни.
-Мислам дека во наредните денови ЕСМ ќе треба да започне со поставување на нови цевки, тоа значи одредена подготовка на долниот дел од мостот неврзано со конструкцијата на мостот и врз основа на таа подготовка, која се прави врз претходно вештачење, ќе можат да започнат со поставување на цевките. Доколку не се успее во тој процес, тогаш ќе има проблем греењето во Скопје, но сметам дека не треба тоа да се случи, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција во Владата.
Според него, потребна е континуирана комуникација меѓу ЕСМ и Град Скопје.
-ЕСМ има многу сериозно пристапено кон овој проблем. Ќе биде потребна дневна комуникација со Град Скопје прво во делот на санирање односно подготовка на подлогите за поставување на цевките, издавање на сооветни дозволи… Сметам дека има време тоа да биде направено. Штом се направи тоа ќе ја олесни работата на Регулаторна комисија за да може да одреди цена на топлинска енергија, рече Ковачевски.
Целосната реконструкција на мостот, како што посочи, не е поврзана со топловодот.