Ковачевски очекува да изгради пријателски односи со Петков

 Лидерот на СДСМ вели дека ВМРО-ДПМНЕ управува со половина од општините во државата и досега се гледа дека сѐ што ветиле во кампањата излажале


Фото: Б. Грданоски

 

Мандатарот за состав на нова влада, Димитар Ковачевски е подготвен да отвори нова страница во односите со Бугарија за време на посетата на Кирил петков и очекува да изгради конкретен и пријателски однос со бугарскиот премиер.

Ковачевски во интервју за МИА вели дека очекува со петков во Скопје да ги утврдат основите за натамошните разговори и формите на соработка и напредок, но и ширина на дејствување надвор од строго историски рамки и термини.

„Тоа е предуслов да напредуваме. Зближувањето и соработката меѓу двете земји во сите области од животот е важен предуслов за отстранување на сомневањата и погрешните перцепции. Јас сум подготвен да отвориме нова страница во односите со Бугарија и да изградиме искрено пријателство и подобра иднина за двете земји. Треба да се стиши гласот на омразата. Имаме реално повеќе сличности од разлики како држави и мора да се концентрираме на заедничкиот интерес. Само со ваков пристап ќе бидиме запаметени како лидери кои балканските конфликти ги надминале со европски пристап“, вели Ковачевски.

Тој вели дека не може да има отстапки во врска со идентитетот и јазикот. „Во преговорите не можеме да правиме отстапки околу тоа дека сме Македонци од Република Северна Македонија кои зборуваат македонски јазик и имаат посебен идентитет. Тоа е отсликано и во Декларацијата, која ја усвои нашето Собрание со поддршка од сите партии“, нагласува мандатарот.

Тој вели дека е на самиот крај е составувањето на новата влада, но не кажува конкретни имиња за првите луѓе во министерствата. Според него, секој е заменлив, особено доколку во одреден момент повеќе не е на висина на задачата.

Примарен фокус на неговата влада во следните три месеци, како што посочи ќе биде ставен на нашиот одговор на енергетската криза, а веќе е подготвен и план. Тој лично во кризата гледа шанса конечно како држава да направиме енергетска транзиција и да фатиме нов правец за енергетска самостојност и самоодржливост.

На обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, Ковачевски во интервјуто одговара дека тие не биле добро запознаени со Уставот и законите. „Новата влада не само што има легитимитет, туку има проширено и стабилно мнозинство во Собранието. Оттаму, Владата има полн легитимитет да ги носи сите одлуки и ја спроведува владината програма. Ваквите обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ се само недостиг на други аргументи против мене, исто како и сите пропратни невистини во нивните секојдневни соопштенија. Мене тоа воопшто не ме загрижува, сега сум целосно фокусиран да прикажеме резултат“.

Тој вели дека секогаш ќе подавал рака „иако сме политички опоненти не смее и не треба да бидеме непријатели. Но, според досегашните потези на ВМРО-ДПМНЕ, не гледам промена кај нив по однос на ова прашање и воопшто во однос на политиките. Да не заборавиме, ВМРО-ДПМНЕ веќе не е опозиција како што беше пред локалните избори. Тие моментално управуваат со половина од општините во државата. Одминуваат 100 дена од нивното владеење и може лесно да се види дека сѐ што ветија во кампањата, излажаа. Ветија дека нема да има одмазда, а почнаа со отпуштања и деградирања уште од првиот ден. Се спроведува масовна партизација на секое ниво како единствен проект на сите градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. Ветуваа низа проекти уште во првите денови а од тоа нема буквално ништо. Градот Скопје е разочарување какво што не се памети во политичката историја на земјата“, нагласува Ковачевски.