Ковачевски: Нема да бидам министер во техничката влада


Премиерот Димитар Ковачевски на прес конференцијата по состанокот на лидерите од Западен Балкан порача дека тој нема да биде министер во техничката влада, како што наводно се шпекулира во земјата, туку ќе ја предводи кампањата на СДСМ за изборите.

Тој, заедно по помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Џејмс О’ Брајан, ги информираше новинарите за настанот денес во Скопје, бидејќи како што објасни, некои од лидерите требало брзо да заминат и, иако беа најавени, не учествуваа на завршната прес конференција. Неофицијално,пак, причината за тоа беше одбивањето на српскиот претседател Александар Вучиќ да биде на иста прес конференција со косовскиот лидер Албин Курти така што и двајцата одржаа брифинзи само за своите новинари.

Како и да е, Ковачевски и  O’Брајан беа задоволни од атмосферата и од резултатите на средбата, а американскиот гостин го нагласи како успех тоа што ги донеле сите пет лидери од регионот на иста маса во рамките на регионална иницијатива, бидејќи Курти досега одбиваше да учествува.Ковачевски притоа рече дека лидерите се обврзале дека ќе ги развиваат земјите според европските стандарди  и дека ќе соработуваат  за остварување на членството во ЕУ.

O’Брајан повтори уште еднаш дека во овој процес никој никому нема да може да става вето и дека земјите што ќе ги остваруваат реформите и ќе имаат напредок, ќе одат напред без да ги имаат решено билатералните проблеми.

Ковачевски исто така нагласи дека ова е негов последен меѓународен настан во вакво својство, како премиер,  и изрази увереност дека во следниот мандат „ќе ја продолжиме и ќе ја интензивираме европската агенда“, со порака дека со политичка волја и напорна работа нема неостварлива цел. 

O’Брајан зборувајќи конкретно за Планот за раст на Западен Балкан посочи дека овој регион видел многу иницијативи, но она што ја разликува сегашната од претходните е дека ќе носи брзи бенефиции и пристап до единствениот европски пазар. Тоа, рече тој, е огромна бенефиција и доаѓа брзо, набројувајќи ги сите заштеди што ќе ги има бизнисот уште оваа година од планираните активности.На крајот тој увери дека САД ќе продолжат да работат со Македонија  на евроинтеграцијата и тогаш кога ќе заврши мандатот на оваа влада.

Запрашан дали техничка влада без опозиција ќе ги исполни целите што се предвидуваат со неа, Ковачевски рече дека техничката влада е законска обврска, дека треба да се предложат кандидатите за неа и дека има доволно денови до крајот на неделава тие формалности да се исполнат и таа да биде изгласана. Според него, секој што е дел од процесот треба да работи според законот, односно ако ВМРО-ДПМНЕ предложи кандидати за министри, треба и да гласа за нив бидејќи не може да очекува дека некој друг ќе ги подржи. 

Околу измените на Законот за рестриктивни мерки со кој црните листи на САД, ЕУ и Обединетото кралство ќе станат дел од нашиот правен систем, Ковачевски рече дека сега се усогласува со другите законски прописи и дека откако ќе заврши тој процес, ќе се најде на гласање во Собранието, кое ќе продолжи да работи до изборот на новиот состав. O’Брајан, пак, не сакаше да коментира законски процес ниту во Македонија, ниту во ЕУ, но рече дека е благодарен што Владата работи на ова прашање. За евентуални нови санкционирани тој рече дека „листата е листа и постојано се работи на неа“.За информациите кај нас дека ќе бара од политичките партии на Албанците да се обврзат дека нема да прават влада со ниту една партија што нема да се обврзе дека за шест месеци нема да ги прави уставните реформи што ги бара ЕУ за преговорите, тој рече дека граѓаните на Македонија треба самите да го решат тоа, практично негирајќи дека има таква формална иницијатива. 

-Ми беше речено дека ќе има вакво прашање. Не знам ништо за тоа. Граѓаните на Северна Македонија ќе решат за патот напред. Сметам дека има една политичка партија која предлага начин за напредок и трпи критики зошто на некои тоа им се допаѓа, на некои не. Другата политичка партија најави дека ќе смисли начин како да се оди напред. Сметам дека е праведно граѓаните да ја прашаат таа партија за патот напред  и да одлучат за визијата што ја знаат и за онаа што се дава како ветување, рече O’Брајан. 

На состанокот лидерите усвоија заеднички завршен документ. Зборувајќи за тоа што е договорено Ковачевски рече декаПланот за раст е досега најсериозната политичка потврда од Европската Унија дека има конкретен план за ефикасна европска интеграција на Западен Балкан.

-Со неговата реализацијата која зависи и од ЕУ но пред се од нас, земјите од ЗБ, БДП-то по глава на жител треба да се удвои, односно од просечни шест илјади евра по глава на жител во регионот, на просечни 12 илјади евра по глава на жител во следните десет години. Денес фокусот го ставивме на два од четирите столбови на Планот за раст за Западен Балкан на Европската Унија и тоа на Заедничкиот регионален пазар и Единствениот европски пазар и тоа од неколку причини.Прво, бидејќи лично сметам дека овие два столба беа помалку застапени во јавноста досега.Второ и поважно, истите играат клучна улога во ослободувањето на економскиот потенцијал на регионот. Ќе ги отворат вратите за локалните бизниси и работници кон регионот и кон Европа, а воедно и ќе го направат регионот попривлечен за европските и светските инвеститори. И трето, преку прифаќање и примена на стандардите на ЕУ, Заедничкиот регионален пазар ќе делува како отскочна даска кон европскиот единствен пазар, рече Ковачевски.

Зборувајќи низ бројки, тој рече дека зборувале за регионална економија со нешто над 100 милијарди евра БДП и 17 милиони жители, којашто претендира да се приклучи на пазар од 450 милиони жители, со БДП над 15 трилиони евра.

-БДП на земјите од регионот во однос на ЕУ е само 0,6%. Воедно, со воспоставувањето и зајакнувањето на воспоставениот регионален пазар се очекува нашите економии ќе пораснат за околу 10%. Затоа, денес ги реафирмиравме нашите заложби за унапредување на четирите слободи на движење- на капитал, стоки, услуги и луѓе – за сите наши граѓани.Важно е за граѓаните да чујат дека имаме конкретен план како да ги зајакнеме нашите економии, да го подобриме животниот стандард на граѓаните, да обезбедиме стабилен и развиен регион. Важно е да чујат дека имаме конкретна поддршка на европскиот пат, рече Ковачевски.

За заедничката изјава тој рече дека  како лидери од Западен Балкан  се обврзале на развој на нашите држави по европски стандарди.

-Во Заедничката изјава го нагласивме огромното значење на соработката меѓу сите нас во регионот, како стратешки сојуз на државите од Западен Балкан, за да ја постигнеме нашата индивидуална цел и истовремено заедничка цел – членство во Европската Унија.
Република Северна Македонија веќе три децении е во пристапниот процес и имаме добар степен на усогласеност на нашето законодавство со правото на ЕУ од над 50 проценти. Како Влада направивме сè што беше потребно и во изминатите 15 месеци успешно го завршивме скрининг процесот со ЕУ по одржувањето на првата меѓу-владина конференција.Но, процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија не е само владина процедура. Тоа е општествена трансформација која што ги опфаќа сите општествени чинители. И бара високо ниво на лична политичка и институционална одговорност за да ја реализираме и оваа наша стратешка цел, по интеграцијата во НАТО.И сакам да порачам дека ќе направиме сè што е потребно, за да осигураме стабилна економска и просперитетна европска иднина на македонските граѓани, во родната земја, рече Ковачевски на прес конференцијата.