Ковачевски не отстапува: Настанот во Битола беше провокација


Премиерот Димитар Ковачевски денеска, во изјава за медиумите, рече дека настанот што се случи во Битола е провокација и додаде дека славење на личност соработник на хитлерова Германија не може да се придонесе за пријателство меѓу двата народи.

„Во однос на настанат кој се случи во саботата, тој претставува ништо повеќе од провокација бидејќи ги буди духовите од минатото, бидејќи се работи за личност која што била соработник и на хитлерова Германија и на мусолинова Италија и на Павелиќ. Со тоа како личност не може да биде мост за иднината и за пријателство меѓу двата народи и како мост за европскиот пат на државата. Овој настан може да претставува единствено провокација која што не оди во насока на подобрување на односите и на финализирање на еден успешен дијалог со постигнување на договор “, рече Ковачевски.

Ковачевскиисто така најави дека идната недела ќе се знаат чекорите што евентуално ќе бидат преземени во врска со регистрацијата на здружението на граѓани „Ванчо Михајлов“ во земјава и отворањето на културниот центар под тоа име во Битола. Претходно, нагласи Ковачевски, сите аспекти на ова прашање ќе бидат разгледани, по што ќе биде донесена одлука за натамошните чекори.  

„ Во однос на самото здружение кое е регистрирано, тоа подлежи на регистрација врз основа на законските прописи во државата. Нормално е дека како Влада ќе ги собереме сите информации кои се потребни во однос на регистрација на здруженија на граѓани. Во однос на користењето на имињата веќе имаше и од правни експерти одредени изјави и кога ќе ги добиеме сите информации идната недела ќе ве информираме за натамошните чекори“, изјави премиерот.

Со Бугарија, потенцира премиерот, решението треба да се бара и да се базира врз основа на  европските вредности, на задржување на достоинството на граѓаните на двете држави, на нивна заемна почит, но и почит помеѓу политичарите, така и сите институции и во Република Бугарија и во Република Северна Македонија.

„ Доколку решението и разговорите не ги водиме на тие принципи тогаш е многу тешко да се дојде до решение. Се надевам дека постои простор да седнеме и на база на такви принципи да ги водиме во иднина разговорите“, рече премерот Ковачевски.

Прашан за коментар за изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека македонската историја се темели на лагите на комунизмот, а не на историски факти, премиерот истакна дека не ја видел.

„ Јас не сум ја видел изјавата, меѓутоа Република Северна Македонија има свој јасно дефиниран државен статус и сите граѓани во неа имаат свој јасно дефиниран идентитет што е определен со јазикот на граѓаните, кои што сите живеат нормално во неа, македонските граѓани со македонскиот јазик и идентитетот на македонските граѓани согласно со сите атрибути на идентитетот на граѓаните, како што се и етнографски и антрополошки итн., и тоа е нешто што не може никој да го коментира, бидејќи тоа е право, чувство на секој граѓанин и тоа е дел од достоинството на секој еден граѓани во светот, вклучително и на нашите македонски граѓани, рече Ковачевски“.