Ковачевски најави дека ќе биде разрешено целото раководство на М-НАВ

Денешниот инцидент во кој тројка насилно упаднала во контролата за летање и „делела“ боксови ја прели чашата на трпението. Јавноста шокирана од насилството


 

Откако денеска ескалира ситуацијата во Македонска навигација и беше загрозен абезбедноста на македонското небо од Владата стигна информација дека премиерот Димитар Ковачевски, во консултација со министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, на следната седница на владата во вторник ќе побара целото раководство и сите членови на Управниот одбор да бидат разрешени.

Премиерот очекува таквиот предлог да се усвои и по разрешувањето на директорите да се отвори итна постапка за избор на нови раководни лица и Управен одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес.

Ковачевски ќе го повика Јавното обвинителство, ДКСК, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните тела за контрола на авиосообраќајот да направат целосна ревизија на досегашното работење на М-НАВ за да се гарантира безбедноста на авиосообраќајот во Македонија.

По денешната прес-конференција на првиот човек на синдикатот на М-НАВ, Александар Тасевски, кој соопшти дека контролорите на летање и техничарите нема да се откажат од нивните барања за одговорност на раководството на Навигација, три лица неовластено упаднале во зградата и нападнале некои од вработените. Наводно имало и боксови. Јавноста беше шокирана како може да се случи такво нешто во институцијата која има исклучителна одговорност да води грижа за безбедноста на авионите. 

Според изворите Алсат упадот го водел функционерот на ДУИ, Беким Незири, поранешен министер за економија. Покрај него биле и сопруг на жена која пред неколку месеци била вработена во Навигација. Телма јави дека во упадот учествувал учествувал и Д.Л. полицаец, вработен во СВР Тетово.

Полицијата го потврди пријавувањето на инцидентот, но објави само иницијали од напаѓачот кој е вработен во М-НАВ каде заедно со членови на ДУИ ги напаѓал и тепал колегите кои преку синдикатот се бунеле за злоупотребите на актуелното раководство и распишаните огласи за нови вработувања. Иницијалот на водачот на нападот Б.Н. упатива на Беким Незири. Тој во моментов е советник во М-НАВ.

Не е јасно како тројката можела да ги помине безбедносните контроли во оваа строго обезбедена институција и да предизвика таква вонемиреност и хаос во одделот кој се грижи за безбедното прелетување, слетување или полетување на авионите.

Напаѓачите, веројатно осилени од некаква моќ (Незири е претседател на чаирскиот огранок на ДУИ) помислиле дека ним може сѐ да им биде дозволено, па дури и со боксови да напаѓаат контролори на летањето кои ги поддржуваат барањата на синдикалната организација.

МВР доцна вечерва соопшти дека во полициска станица се четири лица инволвирани во нападот врз вработени во М-НАВ и со нив се вршат службени разговори, по што во координација со ОЈО ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Исто така, се преземаат мерки за пронаоѓање на уште четири лица. „Ја известуваме јавноста и дека МВР во наредниот период континуирано ќе ја обезбедува зградата на М-НАВ“, се вели во соопштението.

Нападот на вработени во контролата на летање е сериозно кривично дело кое може да се влијае и врз безбедноста на воздушниот сообраќај. Според кривичниот законик за тоа е предвидена казна од една до десет години затвор.