Ковачевски ја уверил Брнз дека ќе има нулта толеранција за корупцијата
Ковачевски по изборот за премиер ќе го покани Кирил Петков да го посети Скопје

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски заедно со секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ, денеска се сретна со амбасадорката на САД Кејт Брнз. Ковачевски, според соопштението од партијата, ја уверувал Брнз дека негов став и принцип е нула толеранција за корупција на секое ниво, особено за носителите на високи, јавни функции.
На средбата се разговарало за повеќе актуелни теми од национален интерес за двете пријателски земји, за соработката, евро-атлантските интерграции, за предизвиците со здравствената и енергетската криза, како и за процесите околу формирањето на новата влада предводена од СДСМ.
„Како претседател на СДСМ и како мандатар за новата влада, ќе се водам исклучиво од принципите на заедништво, одговорност, посветеност и ефикасност, а тоа ќе го барам и од моите соработници. Мојот став и принцип е нула толеранција за корупција на секое ниво, особено за носителите на високи, јавни функции. За таа цел, ќе се посветам на јакнеење на капацитетите на институциите кои се борат против корупцијата. Ефикасно, одговорно и посветено“ ѝ рекол Ковачевски на Брнз.
Во однос на прашањето со Бугарија и евроинтеграцијата, Ковачевски истакнал дека потребно е да се најде заедничко прифатливо решение, со цел да се оттргне блокадата и Северна Македонија конечно да ги започне преговорите со ЕУ, нешто што одамна го заслужи.
„Ги имаме исполнето сите услови за почеток на преговорите. Остануваме посветени на наоѓање решение со соседна Бугарија за да продолжи нашиот европски пат. По изборот за премиер ќе го поканам господинот Петков да ја посети нашата земја. За нас е најважно да направиме план, заедно со бугарската влада, за отстранување на блокадата час поскоро, секако со заедничко прифатливо решение. Ние треба да останеме посветени и ангажирани во разговорите со искрен пристап. Ако ист таков пристап има и новата бугарска влада, верувам дека е можно да изнајдеме компромис за отворените прашања“ рекол Ковачевски.
Амбасадорката Брнз му честиташе на Ковачевски за изборот за претседател на СДСМ и порача дека САД продолжуваат да бидат најголемиот стратешки партнер на Северна Македонија како во делот на спроведувањето на реформите, така и во евроинтегративниот процес.